Утрински Весник
Свет

Зеленски во Давос упати жестока критика за европските лидери 

Zelenski.webp.webp

Володимир Зеленски, украинскиот претседател упати критика кон европските лидери. Смета дека тие прават одложување на конкретните акции и повика на формирање на обединети европски вооружени сили кои би ја бранеле Европа.

„Делувањето дефинира каква иднина ќе имаме денеска“, рече Зеленски во денешниот свој говор на Светскиот економски форум во Давос.

Зеленски конкретно праша зошто американскиот претседател, може да запре и да заплени танкер од руската „тајна флота“, додека Европа не може, посочувајќи го транспортот на руска нафта по европските брегови и тврдењето дека оваа нафта ја финансира војната против Украина и ја дестабилизира Европа.

„Таа нафта помага во дестабилизацијата на Европа. Ако Европа има пари, тогаш може да ги заштити своите луѓе. Во моментов, тие танкери заработуваат пари за Путин, а тоа значи дека Русија продолжува да ја спроведува својата болна агенда“, рече Зеленски.

Тој го осуди недостатокот на напредок во кривичните истраги против Русија, обвинувајќи ја Европа дека „сака да зборува за иднината, но избегнува да преземе акција денес“.

Според него Европа е сè уште далеку од воспоставување функционален трибунал за правда и дека честопати други теми стануваат поитни од правдата.

„Вистина е дека се одржаа многу состаноци, но Европа сè уште не стигнала до точката да има дом за трибуналот, со работи и вистинска работа што се одвиваат внатре. Што недостасува? Време или политичка волја? Премногу често во Европа, нешто друго е секогаш поитно од правдата“, истакна Зеленски.

Смета дека европските лидери се неактивни кога станува збор за војната против Украина и го спореди тоа со нивното однесување околу Гренланд во последните денови.

„Фокусот на сите е на Гренланд и јасно е дека повеќето лидери едноставно не се сигурни што да прават во врска со тоа. И се чини дека сите само чекаат Америка да се „олади“ по ова прашање, надевајќи се дека тоа ќе мине, но што ако не мине. Постојано им кажувавме на нашите европски партнери – дејствувајте сега, но Европа сè уште е во „гренландски мод“ – можеби еден ден некој ќе направи нешто“, рече тој.

Зеленски предупреди за руските воени бродови „слободно пловат околу Гренланд“ и понуди експертиза и оружје „за да се осигури дека ниту еден од овие бродови нема да остане“.

„Може да потонат во близина на Гренланд, исто како што потонаа во близина на Крим. Можеме да преземеме мерки и знаеме како се води борба таму, ако нè прашаат, и ако Украина беше во НАТО, но не сме“, рече Зеленски. 

Во својот говор, тој посочи дека, иако ги поздравува ветувањата на Велика Британија и Франција за испраќање војници во повоена Украина, конечната акција повторно зависи од учеството на САД.

Зеленски ги илустрираше своите ставови споредувајќи ги со филмот „Денот на мрмотот“, велејќи дека Европа, како херојот од филмот, „ги повторува истите зборови“ без да се смени во делувањето, и покрај завршувањето на уште една  година и повторените апели дека „Европа знае како да се брани“.

„Никој не би сакал да живее така, повторувајќи го истото со недели и месеци, па дури и четири години. Токму така сакаме да живееме сега. И тоа е нашиот живот. Само минатата година тука во Давос, го завршив мојот говор велејќи дека Европа мора да знае како да се брани. Помина една година и ништо не се промени. Сè уште сме во ситуација каде што морам да ги кажам истите зборови“, рече тој.

Тој, исто така, наведе контраст со ситуацијата на западната хемисфера, истакнувајќи дека соборениот венецуелски лидер Николас Мадуро е уапсен и му се суди во Њујорк, додека Путин, четири години по почетокот на најголемата војна во Европа од Втората светска војна, останува на слобода и сè уште се обидува да ги заштити своите замрзнати средства во Европа.

Можете да прочитате

Премиерот на Гренланд порача дека само Гренланд и Данска имаат мандат да склучуваат договори за островот

Бројот на жртви во пожарот во Карачи се искачи на 67

Гренел до Вучиќ: Следете го американскиот пат