Утрински Весник
Македонија

Клековски: Во март следува уште едно зголемување на платите во јавното здравство, кое ќе биде процентуално

Saso klekovski vlada pres nas.jpg

Остануваме посветени и со силна поддршка за натамошно зголемување на платите во здравстевниот сектор во смисла на соодветно вреднување на работата на здравствените работници како предуслов за квалитетна работа, изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашко Клековски, на денешната прес-конференција во Владата.

– Сакам да истакнам дека перцепцијата оти во јавниот сектор и во раководењето на јавниот сектор има некакво спротивставување на соодветно вреднување на работата. Да повторам дека во секторот здравство кумулативно платите во ноември 2024 и март 2025 се зголемија 17 проценти, диспропорционално многу повеќе со основно и со средно образование, лекарите беа помалку бидејќи беа линеарни зголемувањата. Кај матичните доктори капитациите се зголемија 33 отсто. Историско зголемување што беше направено за да се зголемат платите за докторите и за медицинските сестри вработени таму, бидејќи ние цврсто веруваме дека треба работата соодветно да биде вреднувана – рече директорот на ФЗО на прес – конференцијата во Владата на која заедно со министерот за дигитална трансформација промовираа четири нови електронски услуги на Фондот за граѓаните.

Тој потсети дека според договорот со синдикатите, во март, годинава ќе има уште едно зголемување на платите во јавно здравство.

– Така што, мислам дека барем платите за средномедицинскиот кадар, за медицинските сестри, се конкурентни на приватниот сектор. Мислам дека и во некои други сектори – образование, има постигнато договори за зголемување на платите. Така да, барем во мојот сектор можам со сигурност да кажам дека има силна поддршка натамошното зголемување на плати во смисла на соодветно вреднување на работата на здравствените работници како предуслов за квалитетна работа. Тука остануваме посветени. Веќе може да најавам дека нема да биде еднакво зголемувањето во март за сите, туку ќе биде процентуално, бидејќи платите меѓу понискиот кадар и докторите – коефициентот и разликата меѓу нив се намали, а сепак мора да бидат соодветно вреднувани и лекарите – појасни Клековски.

Во однос на констатираните наоди од спроведените контроли минатата година во јавни здравствени установи за директори и доктори коишто незаконски земале повеќе пари од тоа што треба за кои било кажано дека ќе биде побарано да се вратат, дали ги вратиле и дали има и други менаџери кои незаконски си ги зголемиле платите, кажа дека досега нема поврат на пари од прекумерните исплати.

– Во однос на извршените контроли, констатираните пречекорувања на надоместоците поврзани со работата, заклучно со 31 декември, ниту една јавна здравствена установа нема поврат на прекумерно исплатените надоместоци, плати. Ние немаме направено повторна контрола, меѓутоа знаеме дека нема направено поврат – одговори Клековски.

На дополнително прашањето што доколку не ги вратат парите, директорот на ФЗО беше дециден дека на повторените контроли ќе бидат изречени казни.

– Ние работиме и на дигитализација – тоа е внатрешно прашање на контролата на ФЗО што е една од најважните функции на ФЗО. Со дигитализацијата таму, сакаме да воспоставиме и критериуми каде што честите казни ќе водат кон последици на нашиот севкупен однос со установата. Во овој момент, казните кон јавни здравствени установи се симболични. Не дејствуваат образовно, едукативно – условно да кажам, не влијаат на спречување. Највисоката казна за здравствена установа е седумдесет и пет илјади денари. За установи што имаат милионски буџети, таа е безначајна. Го гледаме цел тој сегмент, не сакаме да казнуваме – тоа е последното нешто. Меѓутоа, сакаме да воспоставиме систем каде тие што не ги кршат правилата и регулативите, треба да бидат наградени, поттикнати, со понатамошни подобрувања – додаде директорот на ФЗО Сашко Клековски.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче треба да знае дека проблемот не се медиумите, ниту ВМРО-ДПМНЕ, туку неговиот и криминалот на Заев

Министерот Хоџа се сретна со првиот човек на ЕБРД: Забрзување на клучните еколошки инфраструктурни проекти

Министерот Љутков на отворањето на Меѓународниот саем за туризам во Мадрид „ФИТУР 2026“