
Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија
Односот кон парите никогаш не бил само економско прашање. Тој отсекогаш бил огледало на вредносниот систем на едно општество. Начинот на кој се заработуваат, трошат, чуваат и контролираат парите зборува многу повеќе за карактерот на една заедница отколку сите официјални декларации за развој, правда и европски вредности.
Историски гледано, културата на односот кон парите не се раѓа сама од себе. Таа се гради со генерации, под влијание на околности, притисоци, искуства и вредности. Во некои средини парите се доживувале како алат за стабилност и одговорност, во други како средство за статус и демонстрација на моќ. Во некои општества се негувала идејата дека јавните пари се свети затоа што се создадени од трудот на сите, во други се толерирала логиката дека „кој ќе стигне – ќе земе”. Разликата меѓу овие два света не е културна ни етничка, туку морална и институционална.
Кога парите се сфаќаат како алат, тие создаваат ред. Го поттикнуваат трудот, ја наградуваат одговорноста, ја зајакнуваат довербата меѓу луѓето и институциите. Кога се сфаќаат како плен, создаваат хаос. Го поттикнуваат цинизмот, ја наградуваат блискоста со моќта, ја разградуваат довербата и ја трујат заедницата одвнатре.
Историските искуства покажуваат дека дисциплиниран, рационален и систематски однос кон парите може да биде врзовно ткиво за опстанок и напредок на цела заедница. Еклатантен пример е односот кон финансиите кој историски го негуваа одредени групации, како што е еврејскиот народ. За нив, парите никогаш не биле цел сами по себе, туку алат за обезбедување на стабилност, образование, заедничка поддршка и иднина на поколенијата. Токму таквата култура им овозможила да опстанат и да создадат трајна вредност, иако биле раселени насекаде по светот. Можеби токму слична свест, изградена како заедничка одговорност и чувство за припадност кон својата територија и заедница, може и кај нас да се претвори во врзовно ткиво кое ќе овозможи стабилност, доверба и успешна иднина за сите граѓани на истата земја.
Македонската реалност, за жал, предолго се движи во вториот правец. Кај нас јавните пари одамна престанаа да се доживуваат како заедничка одговорност и заедничка грижа. Буџетот не се чувствува како збир на нашиот труд, туку како туѓа каса. Институциите не се перципираат како сервис на граѓаните, туку како затворени тврдини во кои некој друг одлучува, а сите останати само плаќаат.
Кога граѓанинот гледа дека функционери за неколку години животно се збогатуваат без јасно објаснување, дека јавните функции се користат како приватна можност, дека одговорноста е исклучок, а не правило, тогаш природно исчезнува чувството на припадност. Државата престанува да биде „наша” и станува „нивна”. А кога државата е „нивна”, зошто граѓанинот би се чувствувал должен да ја штити, да ја финансира чесно и да се грижи за неа?
Во таква средина се раѓа и онаа болна, но искрена реченица што сè почесто ја слушаме: „Може да крадат, ама да не претеруваат.” Тоа не е само цинизам, тоа е симптом на длабока разочараност и предадена надеж. Тоа е моментот кога граѓанинот повеќе не очекува правда, туку само умерена неправда. Тука веќе не зборуваме само за отсуство на култура на пари, туку за отсуство на култура на одговорност.
И тогаш се појавуваат новопечените богаташи, кои не инвестираат во знаење, не градат трајни вредности, не оставаат општествена трага, туку трошат демонстративно, купуваат статус и бараат легитимитет преку луксуз. Не затоа што сите богати луѓе се такви, туку затоа што богатството стекнато без систем и без заслуга ретко раѓа одговорност – најчесто раѓа потреба за покажување и прикривање.
Проблемот не е што кај нас има пари. Проблемот е што кај нас парите сè почесто не ја вршат својата суштинска функција – да бидат средство за стабилност, развој и доверба. Тие стануваат средство за влијание, за молк, за купување лојалност, за заобиколување на правда. Кога парите ја губат својата морална рамка, тие престануваат да бидат економска алатка и стануваат општествена болест.
А сепак, решението не е во омраза, ниту во откажување. Решението е во враќање на чувството дека оваа држава е наша. Дека институциите постојат заради граѓаните. Дека јавните пари се наша заедничка обврска, но и наше заедничко право да ги контролираме. Без тоа чувство нема култура на пари, нема доверба, нема иднина.
Никој не може сам. Ниту поединец, ниту заедница. Едни без други не можеме, едни со други мораме, барем засега. А ако сакаме да мораме со достоинство, тогаш мораме да почнеме од едноставната, но тешка работа: да си го вратиме чувството дека оваа земја е наша, дека парите во неа се наши и дека одговорноста за нив е наша исто толку колку што е и правото да бараме отчет.
Македонија нема проблем со недостиг на пари, туку со недостиг на сопственост, доверба и морална одговорност кон јавните пари – затоа што оние што треба да бидат пример, пречесто се најголемите демотиватори.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

