Утрински Весник
Македонија

Кој се плаши од дијалогот?

Fatmir bitiki.jpeg

Пишува: Фатмир Битиќи актуелен пратеник во Собранието

Кога синдикатите бараат минималната плата да се зголеми на 600 евра, Владата одговара со две реченици што веќе 18 месеци ја дефинираат нејзината политичка култура „нема да се носи одлука под притисок“ и „минималната плата ќе се зголеми од 1.500 до 2.000 денари, зависно пресметките“ . Во превод, овој политички јазик значи дека државата не разговара, не води полемика и дијалог, туку соопштува. А ниту може да се очекува друг излезен резултат кога не постои инклузивен институционален напор за градење на согласност меѓу чинителите во било кој општествен сегмент. Ова однесување на носителите на власта кое се манифестира околу темата за минималната плата, разоткрива длабоко неразбирање на модерното демократско управување, според кое социјалниот дијалог не е протоколарен орнамент на систем, напротив, тој е институционална гаранција дека економијата се води со разум кој треба да внесе предвидливост и чувство на правда и правичност во дистрибуцијата на резултатите.

Економско-социјалниот совет не смее да биде „уште едно тело“ што треба да постои на хартија за да се каже дека постои. Тој е местото каде државата покажува дали ја признава достоинствената позиција на трудот во општеството. Трипартитниот дијалог – Владата, работодавачите и синдикатите – е механизам што во Европа се уважува како столб на социјалната држава. Кога тој дијалог институционално е жив, економијата добива продуктивност и доверба, во спротивно тој може да  се претвора во формализам кој ќе води кон маргинализација на работниците, притоа продуцирајќи ризик од социјална нестабилност.

Во контекст на оваа (не)развиена социјална функција на системот, треба да бидеме и прецизни дека дијалогот не подразбира размена на монолози. Не е работата „да се слушнеме“, па секоја од страните да си остане на своето. Дијалог постои само тогаш кога има конструктивност – подготвеност за промена како резултат на аргументите на спротивната страна. Во спротивно, тоа е политичка техника на одложување и создавање на впечаток дека „се разговара“, додека одлуките веќе се донесени и само се спуштаат надолу по општествената хиерархија.

Токму затоа, барањето за 600 евра минимална плата ја надминува економската рамка и претставува тест за политичката вредност на дијалогот во нашите институции на системот.  Синдикатите се тие што ја кондензираат економската реалност на секојдневието на работниците, односно трошоците, сметките, долговите, кредитите…  Владата, пак, ја носи моќта да преговара, да балансира интереси, да обезбеди фер правила и да ја сочува социјалната кохезија. Но, наместо вистински и конструктивен дијалошки процес, добиваме „префрлање“  –  прво „социјалните партнери“ треба да се договорат, а Владата ќе „прифати што ќе се договорат“. На овој начин државата се откажува од сопствената одговорност токму таму каде што мора да биде најприсутна.

Да ја погледнеме суштината преку бројки, затоа што бројките ја покажуваат вистината ослободена од розови наративни нијанси. Според пресметката на синдикалната минимална кошница за декември 2025 година, на четиричлено семејство му се потребни 65.492 денари за да го помине месецот, од кои над 23.000 денари за храна и пијалаци. Минималната плата е 24.379 денари (ова ниво е од март 2025). Тоа значи за една кошница се потребни 2,69 минимални плати. Со двајца челнови кои земаат минимална плата, семејството би имало 48.758 денари и би му недостигале околу 16.734 денари само за основната кошница. Но уште поважно, ако целта е две минимални плати да ја покријат кошницата, тогаш минималната плата треба да биде најмалку 32.746 денари. Не станува збор за луксуз, станува збор за аритметика на преживување чии резултати Владата сака да се премолчат.

А што нуди Владата? Наместо да седне на маса со аргументи и контрапредлози, таа најавува корекција од 1.500 до 2.000 денари во март. Овој став не е решение кое го бараат фактите и аргументите на економската реалност, тој е само одложување. Затоа што од моментот на последната корекција на минималната плата (март 2025), синдикалната кошница од 61.855 денари порасна на 65.492 денари до декември – зголемување од 3.637 денари за девет месеци. Со најавена корекција, ако ја земеме максимално најавената, од 2.000 денари, останува празнина од најмалку 1.637 денари само за да се стигне растот од март до декември 2025, без воопшто да го допреме прашањето за изгубената куповна моќ во првите месеци на 2026 година.

И ова се случува во контекст каде инфлацијата е своевидна дневна казна за граѓаните – во декември 2025 инфлацијата е 4,1%, а кај храната – 5,3%. Потоа, како симболично „добредојдовте во 2026“ од 1 јануари има зголемување на цената на струјата, што најдиректно ги погодува домаќинствата со најмал простор за економски маневар на приходната страна на семејните буџети. Кога овие удари врз стандардот се случуваат на редовна основа, а реакцијата на државата е недоволна, добиваме  неправда – работникот ја плаќа временската разлика меѓу поскапувањето и задоцнетата реакција на институциите.

Затоа и мојата теза е едноставна – без институционален дијалог, државата не управува, таа владее. А владеење без дијалог секогаш завршува со две последици, или со социјална фрустрација што се претвора во политичка нестабилност, или со економија што губи доверба и капацитет да испорача достоинствен животен стандард. И токму овде стигнуваме до поентата за „18 месеци институционален континуитет во отсуството на дијалог“. Дури и кога има формални состаноци, клучните теми се туркаат на страна или се сведуваат на изјава за медиуми, односно дијалогот се сведува на форма без суштина, бидејќи не станува збор за процеси што произведуваат промени, туку  за настани што произведуваат впечатоци.

Минатонеделната лидерска средба што ја свика премиерот Мицкоски е совршена илустрација за оваа селективна логика на избор на алатки за управување со впечатоци.  Ослободени од тежината институционална одговорност, присутните разговараа за реформски теми, изборни правила и укинување на техничката влада, прашања важни сами по себе, но пораката што остана во јавноста е дека Владата има капацитет да повикува на „дијалог“ кога станува збор за политичките елити, а истовремено да го релативизира дијалогот кога станува збор за работниците, платите и трошоците на живот.  Доколку ја тргнеме настрана оваа економско-социјална перспектива на оценка на оваа средба и ја погледнеме низ политичко-вредносна диоптрија, тогаш ќе видиме дека истата таа средба „дијалогот“ го издигнува на ниво на привилегија на лидерите, не водејќи грижа  дека станува збор за право на општеството. 

Како социјалдемократ, дијалогот  не го гледам како убава желба, туку како инфраструктура на демократијата. Дијалогот е механизмот преку кој силата на државата се претвора во правда и правичност, а различните интереси во стабилен општествен договор.

Затоа, прашањето за 600 евра минимална плата е многу повеќе од  бројка. Тоа е прашање дали Владата ќе избере дијалог, вистински дијалог, со подготвеност да се помести кога аргументите и фактите го бараат тоа или ќе продолжи со политиката на монолог, одложување и симболични состаноци. Ако продолжи второто, цената нема да ја платат само работниците, ќе ја плати економијата преку пад на довербата, ќе ја плати општеството преку раст на фрустрацијата и ќе ја платиме сите преку ерозија на демократската култура.

 Дијалогот е зрелост, а зрелоста се мери по тоа дали државата има храброст да слуша и способност да (се)менува.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можете да прочитате

Судскиот совет на итна седница ќе одлучува за имунитетот на судија Ристов

Левица: Зетот на Изет Меџити именуван за директор на Агенцијата за стокови резерви

МВР: Податоците за преминување на границата на Ристов се достапни само по законска постапка