Утрински Весник
Македонија

Транспаренси Интернешнл Македонија: 2025 година во знакот на тешки коруптивни афери

Transparensi1.jpg

Транспаренси Интернешнл–Македонија и во текот на 2025 година ја продолжи редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, позната под името „Бистро-Матно“.

Следењето на овие случаи има значителен одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и меѓународните чинители, и со текот на времето прерасна во релевантен показател за состојбата со корупцијата и за волјата на државата да се справува со овој сериозен проблем. На овој начин, се придонесува кон подигнување на јавната свест и општествената одговорност.

Годишниот извештај претставува преглед на сите дванаесет изданија на „Бистро-Матно“ објавени во текот на 2025 година. Изминатата година, без сомнение, беше обележана од катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани и коруптивните случувања што излегоа на површина како негова директна последица. Беа откриени сериозни институционални пропусти, затајување на системите за превенција и недостиг од колективна свест за последиците од корупцијата, почнувајќи од најниските нивоа во државната управа. Истрагата и обвинението беа поднесени во законски предвидениот рок, но вистинската битка за правда допрва ќе се води во судската постапка.

Случувањата во Државната комисија за спречување на корупција, по поднесувањето обвинение против тогашната претседателка за оддавање службена тајна, го отворија прашањето за кредибилитетот и интегритетот на самата институција.

Во фокусот на јавноста беше и поднесувањето на обвинението за предметот „Онкологија“, што дополнително ги засили сомнежите во функционирањето на здравствениот систем. Здравството повторно се најде во центарот на вниманието кога комисија формирана од Министерството за здравство утврди дека речиси половина од анализираните 19 кардиохируршки интервенции биле непотребни, по претходни укажувања дека во одредени приватни клиники се изведуваат операции од профитни причини.

Особено загрижувачки останува фактот што и во 2025 година не беше донесен новиот Кривичен законик. Измените од 2023 година веќе предизвикаа сериозна штета врз високопрофилираните коруптивни предмети, а одложувањето на новиот закон дополнително ја продлабочува правната несигурност.

Во речиси секое издание на „Бистро-Матно“ беа регистрирани наоди од Државниот завод за ревизија, со неповолни ревизорски извештаи и утврдени системски слабости во работењето на институциите. На штета на граѓаните, институцијата Народен правобранител и понатаму останува без раководство, поради недостиг од политичка волја, што сериозно ја ослабува заштитата на човековите права и законитоста.

Годината ја одбележаа и бројни случаи на давање и примање поткуп: истраги против поранешни високи функционери, барање мито за градежни дозволи, злоупотреби поврзани со инвалидски пензии и туѓа нега, поткуп во здравствени установи, како и случај во кој поранешен државен правобранител примил 50.000 евра за влијание врз судија во Апелацискиот суд.

И покрај доминацијата на „матните“ настани, не изостанаа и „бистрите“ примери. Во согласност со пораките од Индексот на перцепција на корупцијата, особено активни беа граѓанските организации од областа на заштитата на животната средина и климатските промени. Нивниот ангажман резултираше со одлука на Советот на Град Скопје за дислокација на цементарницата „Усје“, еден од најголемите загадувачи во главниот град.

Позитивен чекор е и воведувањето на софтверски систем во Управниот суд, кој воспоставува дигитална врска со јавните институции и Вишиот управен суд, со цел побрзо и поефикасно судско постапување.

Како симболичен, но значаен „бистар“ настан, извештајот ја истакнува и иницијативата на седум млади студенти од Македонија, автори на едукативната електронска игра „Сива зона“, наменета за средношколци, која има за цел да ја подигне свеста за корупцијата и последиците од неетичките одлуки.

Можете да прочитате

На граничните премини запленети девизи, злато, цигари…

Судијата Ѓоко Ристов во Обвинителството – се бара куќен притвор и одземање пасош

Со казните од „Безбеден град“ ќе стигнуваат и фотографии