Утрински Весник
Свет

Принцот Хари и Елтон Џон тврдат: „Дејли меил“ не прислушувал и незаконски собирал информации

Prince harry meghan.jpg

Принцот Хари, музичката ѕвезда Елтон Џон и уште пет други јавни личности биле жртви на масовно прислушување телефони и други нелегални дејствија извршени од британскиот весник „Дејли меил“, тврди адвокатот кој ги застапува на суд. Според обвиненијата, во активностите биле вклучени членови на управниот одбор, уредници и новинари на медиумската куќа „Асошиејтед њузпејперс“.

Случајот опфаќа наводни незаконски дејствија во периодот од 1993 до 2011 година, а според тужителите, некои практики продолжиле и подоцна. „Асошиејтед њузпејперс“ ги отфрла обвинувањата, оценувајќи ги како дел од координиран напад врз слободата на печатот.

Правниот тим на Хари, Елтон Џон, неговиот сопруг Дејвид Фурниш, актерките Лиз Харли и Сејди Фрост, активистката Дорин Лоренс и поранешниот пратеник Сајмон Хјуз, во наредните девет недели ќе настапува пред Високиот суд во Лондон. Тие тврдат дека нивните лични информации биле прибавувани преку хакирање гласовни пораки, прислушување фиксни телефони и измамнички техники познати како „блегирање“.

Принцот Хари лично се појави во судот, нагласувајќи дека ваквите постапки извршиле сериозен притисок врз неговиот приватен и семеен живот. Во изјава доставена до судот, тој наведе дека било „вознемирувачко чувството дека секој негов чекор е следен за профит на таблоидите“.

Ова е уште една фаза од долгогодишната правна битка на Хари со британските таблоиди. Тој веќе извојува значајни победи против други медиумски куќи, а исходот од овој случај може сериозно да го наруши угледот на „Дејли меил“ и да резултира со судски трошоци од десетици милиони долари.

Можете да прочитате

Вооружени лица киднапирале над 150 верници од три цркви во Нигерија

И Канада размислува да испрати војници на Гренланд

Во подготвка е НАТО мисија на Гренланд