Утрински Весник
Македонија

Претреси кај судија од Апелациониот суд по наредба на Обвинителството

Img 6909.png

Попладнево се спроведуваат претреси кај апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кој суди во Апелациониот суд во Скопје. Информацијата ја потврдија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, од каде соопштија дека акцијата се реализира по наредба на јавен обвинител и со дозвола на Основниот кривичен суд Скопје.

Според неофицијални сознанија, предметот се однесува на сомневања за злоупотреба на судиската функција. Засега не се соопштува конкретната правна квалификација, бидејќи претресите сѐ уште траат. Неофицијално, полициски екипи извршиле претрес и во домот на судијата.

Името на Ристов претходно беше поврзувано со предметот во кој е опфатен поранешниот народен правобранител Фехми Стафа, кој е во притвор поради сомневање дека примил 50.000 евра мито.

Според обвинителските наводи, во периодот од октомври до 13 декември, Стафа примил пари со цел да посредува и да влијае врз судија во Апелација за предмет поврзан со негов клиент. Непосредно по примањето на парите, Стафа бил уапсен, а кај него биле пронајдени и одземени банкнотите.

Лицето за кое, наводно, требало да се издејствува укинување на мерката притвор е Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, осомничен во случајот „Синџир“.

Од Обвинителството најавуваат дека по завршување на претресите ќе следуваат официјални информации за понатамошниот тек на постапката.

Можете да прочитате

Мицкоски: Продолжуваме со посветена работа на реформите клучни за економскиот развој и подобрување на животниот стандард на граѓаните

Радовишанец им се заканувал на вработени во странска амбасада, упатен на психијатриско набљудување

17 лица лишени од слобода во изминатото деноноќие, возеле без дозвола и под дејство на алкохол