
Ирански функционер во регионот на Блискиот Исток изјави дека властите во земјата потврдиле дека најмалку 5.000 луѓе се убиени во протестите, вклучувајќи околу 500 припадници на безбедносните сили.
Функционерот, кој зборуваше под услов да остане анонимен, за Ројтерс изјави дека некои од најтешките борби и најголемиот број на смртни случаи се случиле во областите населени со Курди во северозападниот дел на Иран, каде што судирите за време на протестите беа меѓу најнасилните.
„Не се очекува конечниот број на жртви нагло да се зголеми“, изјави ирански функционер, кој додаде дека „Израел и вооружени групи во странство“ ги поддржуваат и опремуваат оние што излегуваат на улиците.
Американската група за човекови права ХРАНА објави во саботата дека бројот на жртви на протестите, кои започнаа на 28 декември минатата година поради тешката економска состојба во земјата и траеја повеќе од две недели, достигна 3.308, а дека уште 4.382 случаи се под истрага.
Групата, исто така, објави дека потврдила повеќе од 24.000 апсења.
Иранската курдска група за човекови права „Хенгав“, со седиште во Норвешка, соопшти дека некои од најлошите судири за време на протестите што избувнаа кон крајот на декември се случиле во курдските области во северозападен Иран.


