Утрински Весник
Македонија

Досега 140 пријавени за фаќање на крстот во Вардар на мостот „Слобода“ во Скопје

Vodici Skopje.jpg

Речиси 140 лица досега се пријавени за учество во традиционалното спуштање на крстот во Вардар во центарот на Скопје на 19 јануари на Богојавление – Водици, информира денеска за МИА отец Благоја од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје.

– Оние што се во ред со здравјето може да учествуваат на манифестацијата „Водици“. Има голем интерес и досега се пријавени речиси 140 граѓани. Вечерва до 19-20 часот ќе се земе списокот и ќе се види точниот број. Малолетници може да учествуваат со дозвола од родител и со потврда од спортска медицина и ќе треба да присуствуваат со родител. Потребни се лична карта и потврда од спортска медицина, заверка на картоните на самиот ден – 19 јануари. В понеделник во 7.30 часот секој што е запишан и има добиено картонче за учесник да дојде зад храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе се стави печат на картоните и само така ќе бидат пропуштени од МВР покрај реката Вардар за да учествуваат во манифестацијата – рече отец Благоја.

Тој изјави дека некои од учесниците постат и сакаат да се причестат пред спуштањето на светиот крст. Оној што прв ќе стигне до крстот, ќе биде соодветно награден од МПЦ. 

Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе богослужи поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан. 

По завршувањето на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј ин“, каде што ќе почне водосветот, а потоа околу 12 часот поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан, ќе го спушти светиот и животворен крст во водите на Вардар.

Можете да прочитате

Сообраќајот се одвива по претежно суви коловози

57-годишник нелегално снимал и вознемирувал млада девојка

МЗ активираше електронски модул за лекари од дијаспора