Утрински Весник
Македонија

Грипот повторно удира: Еден смртен случај и илјадници заболени

Ijz.jpg

Институтот за јавно здравје соопшти дека во втората недела од 2026 година во Македонија се регистрирани 2.322 нови случаи на грип и заболувања слични на грип.

Според податоците, ова претставува зголемување од 34,6 отсто во однос на претходната недела, а бројот на заболени е за речиси 40 проценти повисок од просекот за последните 15 години. Активноста на вирусот моментално се оценува како средна на национално ниво.

Најголем дел од заболените се лица на возраст од 15 до 64 години, додека највисока инциденца е регистрирана кај децата до четиригодишна возраст.

Најмногу случаи се пријавени во Скопје, Тетово и Куманово, додека многу висока активност на вирусот е забележана во Дебар, Охрид, Македонски Брод, Кавадарци и Неготино.

Во извештајниот период е регистриран и еден смртен случај поврзан со грип. Станува збор за 75-годишна жена од Скопје со повеќе претходни заболувања, која не била вакцинирана против сезонски грип.

Лабораториските анализи покажуваат дека доминантен вирус оваа сезона е инфлуенца А. Епидемиолозите предупредуваат дека бројот на заболени најверојатно ќе продолжи да расте, бидејќи врвот на сезоната обично се очекува помеѓу средината на јануари и средината на февруари.

И покрај раниот почеток на сезоната, надлежните институции оценуваат дека состојбата е во рамки на очекуваното и засега не се планираат дополнителни мерки, како продолжување на училишниот распуст.

Како главни препораки за заштита се наведуваат редовно проветрување на просториите, избегнување масовни собири, зајакнување на имунитетот и вакцинација. Лекарите апелираат децата со симптоми на респираторни инфекции да не се носат во градинки и училишта, а возрасните да останат дома, со цел да се спречи понатамошно ширење на вирусот.

Можете да прочитате

Министерство за здравство иницира да се направи инспекција во болницата во Кавадарци по смртта на новороденчето

СДСМ: Ноќни волци, периметар Сомалија – ВМРО дипломатија

Кумановец фатен со 28 клучеви за отварање брави