
Државата во наредните пет години ќе врати околу 8,8 милијарди евра, што е за две милијарди повеќе од претходните проекции, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа посочи дека причината за зголемените отплати е кратката просечна рочност на портфолиото на јавниот долг, која изнесува околу три години.
Министерката информираше дека вчерашната аукција на еврообврзница од една милијарда евра, поделена на две транши со рокови од четири и осум години, е целосно планирана и усогласена со буџетот за 2026 година и среднорочната стратегија за управување со јавниот долг. Со ова се обезбедува рамномерно распределување на отплатите и намалување на ризиците од концентрирани обврски во одредени години.
„Нашата цел е не само редовно сервисирање на обврските, туку создавање стабилна и одржлива фискална рамка, со помал притисок од отплати и повеќе простор за суштински реформи“, рече Димитриеска-Кочоска. Таа истакна дека продолжувањето на рокот на едната транша на осум години е дел од стратегијата за постепено менување на структурата на јавниот долг и намалување на финансиските ризици во иднина.
Според министерката, кратките рокови на претходните еврообврзници создавале дополнителен притисок врз секоја нова влада, а сега се работи на воспоставување одржлива стратегија за рочноста на долговите, која ќе обезбеди стабилност за граѓаните и идните генерации.

