
Украинскиот претседател Володимир Зеленски нареди документот за безбедносни гаранции за Украина од САД да биде финализиран и доставен на разгледување на највисоко ниво, јави Укринформ.
– „Разговаравме за распоредот за следните две недели во однос на состаноците, подготовката на документите и можните потпишувања. Наредив документот за безбедносни гаранции за Украина од САД да биде финализиран и доставен на највисоко ниво. Ова треба да биде документ од историско значење, а текстот веќе го достигна ова ниво“, напиша Зеленски.
Тој информира дека премиерката Јулија Свириденко, вицепремиерот Тарас Качка и министерот за економија Олексиј Соболев ќе ги надгледуваат економските аспекти на идните договори меѓу Украина и САД, како и трилатералната соработка со Европа. Зеленски нагласи дека е потребен јасен одговор од Москва за можен крај на војната.
„Мора да има јасен одговор од Русија дали е подготвена да ја заврши војната под реални услови. Доколку нема таква подготвеност, притисокот врз агресорот мора да продолжи да се зголемува“, рече тој.
Тој повика и на заострување на мерките против руската „флота во сенка“ и шемите за заобиколување санкции, истакнувајќи дека „доколку Русија избере војна, светот мора да одговори со намалување на приходите од извоз во најголема можна мера“.


