
Според официјалните резултати од повторените избори за градоначалник во општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, во Гостивар најмногу гласови освоил Ваљбон Лимани од НАИ, во Маврово-Ростуше Онер Јакуповски од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во Општина Врапчиште Исен Шабани од НАИ, додека во Центар Жупа имало пријавен еден кандидат – Аријан Ибраим од Демокатската партија на Турците во Македонија.
Претседателот на ДИК Борис Кондарко истакна дека од моментот на соопштување на првичните официјални резултати, односно од денеска во 15 часот, тече рокот од 48 часа за жалби за сумирањето и утврдување на резултатите од гласањето. Потсети дека од вчера од затворањето на избирачките места тече рок, исто така од 48 часа, за приговори во однос на постапката на гласање.
Доколку во овие предвидени рокови нема приговори, рече претседателот на Комисијата, ДИК во среда попладне на седница ќе ги објави конечните официјални резултати од повторените локални избори.
Во Гостивар, излезноста изнесувала 28,72 отсто, односно гласале 23 799 од вкупно запишани 82 870 гласачи. За кандидатот Невзат Бејта од Коалицијата ВРЕДИ добиени се вкупно 7 510 гласови, додека за кандидатот од НАИ, Ваљбон Лимани 15 345 гласови.
Според податоците од ДИК, во Маврово Ростуше од запишани 10 575 гласачи гласале вкупно гласале 3021 гласачи, односно 28,57 процент. Кандидатот Онер Јакуповски од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ добил 1 982 гласа, а кандидатот Анес Ахмети од Колицијата предводена од СДСМ 961 глас.
Во општина Врапчиште запишани се 27 279 избирачи во Избирачкиот список, а гласале 8 791 гласач, односно 32,23 отсто. За кандидатот на Национална алијанса за интеграција (НАИ) Исен Шабани добиени се вкупно 5414 гласа, а за Зулхајрат Демири од Група избирачи 3 135 гласа.
Во Центар Жупа во Избирачкиот список се запишани 7 562 избирачи, а гласале 1 003 гласачи, што претставува излезност од 13,26 отсто. Кандидатот од Демокатската партија на Турците во Македонија, Аријан Ибраим добил 973 гласа.

