
Новиот предлог закон за заштита од пушење е објавен на електронскиот регистар ЕНЕР.
Согласно измените станува збор за досега најригоризниот закон кој забранува пушење насекаде па дури и во театарски претстави, филмови, серии и други ТВ содржини.
Со предлог-законот строго ќе се забрани и рекламирање и промоција на тутунски производи, како и нивно прикажување во компјутерски игри. Прикажувањето на производите од тутун и нивна употреба ќе се забрани и во телевизиски содржини, содржини кои се објавувани од инфлуенсери или поткастери, театарски претстави, радио, телевизиски, видео и кинематографски новинарски програми.
Тутунската индустрија ќе нема право да спонзорира театарски и филмски продукции, телевизиски/радио/интернет емисии и блогови на социјалните мрежи, ниту пак јавни настани, а забрането е и спонзорирање информативни кампањи за едукација на населението за штетите од консумирањето на тутун и никотин.
Освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, предлог-законот изработен од Министерството за здравство предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи.
Законот ќе забрани пушење пред и во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно-образовни, културни и рекреативни установи, организации за физичка култура и спорт, како и пред и во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти.
Во и пред објекти каде што се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца ).
Нема да се пуши ниту во објекти на државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа. Пушењето ќе се забрани и во објекти и возила што претставуваат работни места, како и во сите видови јавен превоз – патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови, како и на аеродроми, автобуски станици, езерски пристаништа и на станици на градски и приградски јавен превоз.
Со предлог-законот се забранува и пушење во приватно возило во присуство на дете. Пушење ќе се забрани и во и пред објекти каде што се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца, но и на пазарите.
Спроведувањето на законот ќе го вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, МВР и Управата за извршување на санкции и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, согласно утврдените надлежности.
Казните за прекршување на законските одредби ќе се движат од 2.000 до 3.000 евра за мало правно лице, од 3.000 до 4.000 евра средно правно лице, а од 4.000 до 5.000 евра големо правно лице. Казната за физичките лица ќе биде во износ од 150 до 300 евра.


