Утрински Весник
Македонија

Колку години треба да работите за да купите стан од 60 м²?

Img 6236.jpeg

Решавањето на станбеното прашање останува едно од најважните животни прашања за секој човек. Сопствениот дом значи сигурност за поединецот и семејството, но за многумина патот до сопствен покрив над глава станува се подолг и поскап. Особено во услови кога цените на недвижнините бележат постојан раст, логично се наметнува прашањето колку години треба да работи еден граѓанин за да купи просечен стан?

За потребите на оваа информативна пресметка, како основа се зема новоизграден стан со површина од 60 метри квадратни. Доколку просечната цена на еден квадратен метар изнесува 2.000 евра, вкупната вредност на станот достигнува 120.000 евра.

Ако се земе предвид просечна месечна плата од 600 евра и се претпостави хипотетички дека целата плата оди за отплата на станот, би биле потребни околу 16,6 години работа за целосно да се исплати недвижнината. Но, во реалноста тоа е невозможно, бидејќи дел од приходот мора да се одвои за основните животни трошоци.

Ако од месечната плата се издвојат најмалку 200 евра за храна, сметки и други неопходни трошоци, за отплата на станот остануваат 400 евра месечно. Во тој случај, периодот потребен за исплата на стан од 60 квадрати се зголемува на околу 25 години.

Експертските анализи покажуваат дека во земјите од регионот, просечно се потребни речиси 18 години работа со целосно насочување на платата за купување стан. Но, кога ќе се вклучат реалните трошоци за живот, времето за обезбедување сопствен дом се искачува и над 23 години.

Во споредба со светските метрополи, ситуацијата не е изолирана. Во Хонг Конг на еден жител му се потребни над 20 години работа само за да купи стан, додека во Париз и Лондон тој период изнесува околу 14 до 15 години. Но, разликата е што во тие градови просечните плати се значително повисоки, додека кај нас растот на цените на квадратот не го следи растот на приходите.

Сѐ поголемиот јаз меѓу платите и цените на недвижнините го прави сопствениот дом се потешко достижен за младите и семејствата, кои сè почесто се принудени да се потпрат на кредити или долгогодишна финансиска помош од семејството.

Со цена од 2.000 евра за квадратен метар, купувањето стан веќе не е само животна цел туку долгорочен финансиски предизвик.

Можете да прочитате

(Видео) Тешка сообраќајка на автопатот Тетово – Скопје

Тошковски оддаде почит на полициските херои по повод 26 години од нивната смрт

Пушењето како алиби за нефункционалната држава