Утрински Весник
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче одбива дијалог и подадена рака за градење политички консензус за државните интереси

Vmro.webp.webp

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение жестоко реагираше на одбивањето на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да седне на иста маса за реформските закони. Од партијата оценуваат дека зад овој потег се крие страв од соочување со правдата, а не политички принцип.

„Венко Филипче не одбива само лидерска средба, Филипче одбива дијалог и подадена рака за градење политички консензус за државните интереси. Иако СДС и Филипче од уста не ја вадат европската интеграција на Македонија, денес уште еднаш покажаа дека нив тоа не ги интересира, дека тоа им е пропаганда за гола политика“, се вели во партиската реакција.

Според ВМРО-ДПМНЕ, бегството од дијалог за реформите во правосудството и Обвинителството има јасна позадина – стравот на Филипче од губење на партиската заштита во институциите.

„Го разбираме зошто е против реформите… Затоа што до коска е исплашен од чистењето на кадрите избрани од ‘Бихаќска’, кои го штитат од одговорност за криминалот од 20% провизија за модуларните болници, а која во Тетово го зеде данокот од 14 живи изгорени луѓе за само две минути“, стои во соопштението.

Од владејачката партија директно ги набројуваат и останатите афери за кои сметаат дека Филипче стравува: 

„За тендерите за набавка на јаглен за ЕСМ на фирма што нему му подарува луксузен џип ‘ауди’, за вакцините во корона-периодот, кои сакаше да ги набави за цена двојно повисока од пазарната, и тоа од компанија за тропско овошје, и ред други“, се вели во дописот.

Дополнително, од ВМРО-ДПМНЕ реагираат и на односот на Филипче кон медиумите и безбедносните проекти. 

„На Филипче му пречи и слободата на говорот на новинарите… па така, немајќи аргументи и одговори, новинарите, кои самиот ги викнал на брифинг, ги навредува дека шират пропаганда. Исто така, видовме дека на Филипче му смета и системот ‘Безбеден град’… кој во овој пробен период покажа дека е многу ефикасен во гарантирањето на безбедноста“, наведуваат од партијата.

„На Македонија не ѝ треба ваква опозиција, која е против сè, само за да биде против. Време е Филипче да се надмине себеси“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Можете да прочитате

Андоновски: Владата останува цврсто посветена на исполнување на европските критериуми

Од пријавени 248 гласале 242 болни или изнемоштени лица

Почина снимателот на МРТ Александар Мижимаков