
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека од новиот државен јавен обвинител очекува да застане на страната на правдата.
– Многу важно е што ние не сакавме да бидеме како дел од минатите влади, односно да се однесуваме насилнички и да менуваме обвинители, туку да му дадеме шанса на државниот јавен обвинител да се размавне и да покаже што знае. И еве после година и половина конечно отпочнуваме процес во кој стариот државен јавен обвинител, избран од мнозинството од СДС и ДУИ, заминува во минатото и е распишан конкурс за избор на нов државен јавен обвинител. Ги охрабрувам сите, кои согласно закон исполнуваат услови, да се пријават и очекувам да биде избран најдобриот, кој навистина ќе биде дел од овој трослоен систем на гонење на криминалот и корупцијата, истакна Мицкоски во интервју за „Вечер.мк“.
Тој посочи дека граѓаните во минатото биле сведоци на полициски акции проследени во медиуми, со многу спектакуларни упади.
– Во минатото граѓаните беа сведоци на голем број полициски акции проследени во медиуми со многу естрада, галама и спектакуларни упади во домови и трговски објекти, а ние сакавме да бидеме антипод на таквиот начин на дејствување, рече Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека од новиот државен јавен обвинител очекува „немилосрдно да застане на страната на правдата“.
– Од новиот државен јавен обвинител очекувам немилосрдно да застане на страната на правдата, бидејќи само така сите кои работеле спротивно на закон ќе бидат санкционирани, имајќи предвид дека борбата против криминалот и корупцијата е тростепен процес кој вклучува истрага, обвинителен акт и судска постапка, при што обвинителот е само врската меѓу истрагата и судскиот процес. Тој треба да го избруси сето тоа и да види дали судиите ќе го прифатат и ќе отпочнат судски процес, бидејќи судиите прават оценка на обвинителниот акт, посочи Мицкоски.



