Утрински Весник
Свет

Иран: Мешањето на САД во протестите ќе предизвика хаос

Us iran.webp.webp
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Напнатоста во Иран е зголемена откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се подготвени да интервенираат доколку иранските власти продолжат да „пукаат“ и „убиваат“ демонстранти. Тој на својата социјална мрежа „Трут Соушл“ (Truth Social) објави дека САД „се подготвени да дејствуваат“.

Лариџани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, реагираше дека мешањето на САД во внатрешните прашања на Иран ќе предизвика хаос во целиот регион и ќе ги загрози американските интереси. Тој обвини дека САД и Израел ја поттикнуваат волната на демонстрации во земјата. Израелската разузнавачка служба Мосад им изрази поддршка на демонстрантите на 31 декември, повикувајќи ги да излезат на улиците и истакнувајќи дека „не се само од далечина или со зборови, туку се со вас на терен“.

И советникот на Али Хамнеи, Али Шамхани, предупреди дека „секоја рака која ќе посегне премногу длабоко во безбедноста на Иран ќе биде отсечена“ и потсети дека народот добро знае како минатите „американски интервенции“ во Ирак, Авганистан и Газа завршиле. Протестите започнаа на 28 декември во Техеран, кога трговците изразија револт поради рекордно високата девалвација на домашната валута риал и растечката инфлација, со курс од околу 1,4 милиони риали за еден американски долар.

Набргу демонстрациите прераснаа во антивладини протести, во кои загинаа најмалку седум лица, а вчера се проширија и во внатрешноста на земјата. Овие протести се најмасовни во Иран од 2022 година, кога почина Махса Амини, 22-годишна девојка со курдско потекло, по апсење од страна на моралната полиција за наводно кршење на законот за задолжително носење шамија. Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, најави економски реформи и подготвеност за дијалог, но демонстрантите го игнорираат неговиот повик.

Можете да прочитате

Чешкиот премиер Бабиш повикува на мир и ги критикува алармистите за војна

Апсења за корупција по пожарот во Хонг Конг

Швајцарските власти: Барот во Кран Монтана имал повеќе излези