
Општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка”и оваа година ја организираат традиционалната Бадникова прослава, која ќе се одржи на 6 јануари 2026 година, на Градскиот плоштад во Крива Паланка.
Прославата ќе започне во 11:30 часот со Бадникова поворка, која ќе тргне од плоштадот „Карпошово востание”, ќе продефилира низ главната улица и ќе заврши на Градскиот плоштад. Поворката симболично го најавува празникот и ја пренесува пораката на заедништво, духовност и празнично исчекување на Христовото раѓање.
Во 11:45 часот, на Градскиот плоштад, ќе се одржи концерт со Бадникови и Божиќни песни, во изведба на детски хор, кој ќе ја збогати празничната атмосфера во духот на Бадник преку песна, детска радост и традиционални вредности.
Централниот дел од прославата е предвиден за 12:00 часот, кога ќе се одржи празнична молитва и благослов од Кривопаланечкото архиерејско намесништво, по што следува делее на бадникови лепчиња и избор на Бадникарски кум за 2026 година.
Како дел од бадниковите обичаи и празничната традиција, ќе се делат и бадникови пакетчиња, греано вино и ракија за наздравување, а истовремено, ќе се реализира и хуманитарна акција за собирање средства за поддршка на матуранти од социјално ранливи семејства..Овој чин симболично го одбележува празникот со споделување желби за здравје, мир, слога и солидарност и грижа за заедницата.
Во програмата учествуваат ученици, културно-уметнички друштва, фолклорни состави и балетското студио Магија од Крива Паланка, кои со своите настапи ќе дадат посебен придонес кон зачувување и негување на бадниковите обичаи и македонската културна традиција.
Организаторите ги покануваат сите граѓани и посетители да се приклучат и заедно да ги одбележат Бадник и Божиќ,празниците на семејството, традицијата и заедништвото.


