Утрински Весник
Македонија

Евзони без блокади до петок, грчките земјоделци прават празнична пауза

Whatsapp image 2025 12 31 at 09.51.46.jpeg

Земјоделците во цела Грција од денеска до петок нема да ги блокираат автопатиштата и граничните премини, со што сообраќајот во овие три дена ќе се одвива непречено. Одлуката е донесена со цел да им се олесни патувањето на граѓаните за време на новогодишните празници, додека в недела ќе се одржи состанок на кој ќе се одлучува за следните чекори на протестите.

Граничниот премин Евзони кон нашата земја, кој во изминатите четири дена, заклучно со вчера, беше блокиран од грчките земјоделци во периодите од 12 до 16 и од 18 до 22 часот по локално време, до петок ќе остане целосно отворен. Иако тракторите и понатаму ќе бидат паркирани во близина на границата, тие нема да го попречуваат сообраќајот.

Земјоделците остануваат на своите блокади низ цела Грција, при што тракторите се распоредени во една коловозна лента, без целосно блокирање на сообраќајот. Како што најавија уште на почетокот на протестите, тие се подготвени, доколку е потребно, Божиќ и Нова година да ги поминат токму на блокадите.

Во недела напладне, кај патарината Малгара во близина на Солун, ќе се одржи состанок на кој ќе присуствуваат претставници од сите блокади во земјата, а на него ќе се утврдат понатамошните активности и можни форми на заострување на протестите.

Протестите на грчките земјоделци траат веќе еден месец и започнаа на 30 ноември. Причините се зголемените трошоци за производство, ниските откупни цени на земјоделските производи, како и скандалот поврзан со европските земјоделски субвенции. Главното барање на земјоделците е исплата на заостанатите субвенции и конкретни мерки за подобрување на нивната економска состојба.

Можете да прочитате

Николоски: Градежништвото е со двоцифрен раст

За трагедијата во Карпош мора да има одговорност и оставка од Панче Тошковски

ЛДП бара итно расчистување на случајот во Тафталиџе и електронска нараквица за следење на насилниците