
Русија тврди дека Украина извршила напад со беспилотни летала врз една од официјалните резиденции на претседателот Владимир Путин. Во меѓувреме, Кина повика на воздржаност и предупреди да не се ескалира конфликтот. Според Скај њуз, кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека конфликтот не смее да „се прелее надвор од бојното поле“, нагласувајќи дека не треба да има понатамошна ескалација, и покрај најавите на Москва дека ќе одговори на наводниот напад.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека за време на нападот биле уништени 91 украински дрон и дека „целите и времето на руската одмазда веќе се утврдени“. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги негираше обвинувањата, нарекувајќи ги „лаги“. Жителите во близина на резиденцијата изјавиле дека не забележале дронови во областа. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека нема потреба да се презентираат докази за нападот.
„Не мислам дека треба да има никакви докази“, рече Песков, додавајќи дека негирањето на нападот е „апсурдно“.
Тој нагласи дека Москва ги смета наводните воздушни напади за „терористички“, со цел да се спречат мировните преговори.
– „Нападот не бил насочен само против претседателот на Русија, туку и против претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп. Целта била да се нарушат неговите напори за постигнување мирно решение на украинскиот конфликт“, изјави Песков
. Портпаролот додаде дека Кремљ не смета дека се потребни дополнителни докази за, како што рече, масовниот напад со беспилотни летала, кој бил успешно одбиен од руската воздушна одбрана.
– „Што се однесува до остатоците од беспилотните летала, не можам да коментирам. Тоа е во надлежност на нашата армија“, заклучи Песков.


