
Рускиот претседател Владимир Путин му кажа на американскиот претседател Доналд Трамп дека Русија го преиспитува својот став за мировниот договор по наводниот напад со беспилотни летала врз претседателската резиденција, објави денеска Кремљ.
Според Кремљ, Путин го информирал Трамп за нападот за време на денешниот телефонски разговор и му рекол дека токму инцидентот довел до промена на ставот на Русија во мировните преговори.
Советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Путин нагласил дека Русија сè уште сака да соработува со САД за мировен договор, но дека нападот ја принудил Москва да ја преиспита својата преговарачка позиција.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли обвинувањата на Москва дека Киев извршил напад врз државната резиденција на рускиот претседател Владимир Путин, нарекувајќи ги уште една лага од Руската Федерација.
– Уште една лага од Руската Федерација. Секако, вчера имавме средба со Трамп. И секако, за Русите, тоа е неуспех ако нема скандали меѓу нас и Америка и ако напредуваме, бидејќи тие не сакаат оваа војна да заврши – рече Зеленски како одговор на руските тврдења.
Зеленски рече дека Русија сака да ја заврши војната исклучиво преку притисок и дека ги гледа сегашните обвинувања како дел од поширока стратегија.
– Тие можат да ја завршат само со притисок врз себе. Сигурен сум дека бараа причина за ова. Искрено, веќе очекував таква реторика вчера. Гледате, тие одат подалеку – рече тој.
Украинскиот претседател предупреди дека изјавите на Москва за наводниот напад врз резиденциите всушност се подготовка за нови напади.
– Сега, со изјавата дека некои од нивните резиденции биле нападнати, тие едноставно се подготвуваат, сигурен сум, во принцип подготвуваат терен за напади, веројатно врз главниот град и веројатно врз зградите на државните институции – рече Зеленски.
Зеленски потсети дека Украина веќе има искуство со такво сценарио.
– Тоа веќе го имавме во септември, кога имаше ракетен напад врз зградата на Владата на Украина. Затоа, сега сите мора да бидат на штрек, апсолутно сите – рече тој.
Тој додаде дека постои реална можност за напад врз Киев.
– Напад може да биде извршен врз главниот град. Особено затоа што тоа лице, ако воопшто можете да го наречете така, рече дека ќе избере соодветни цели, што е закана – рече Зеленски.
Украинскиот претседател рече дека очекува посилно вклучување на американскиот претседател Доналд Трамп, неговата администрација и европските сојузници.
– Мислам дека денеска, во принцип, претседателот Трамп, неговиот тим и Европејците треба да се вклучат и да ја завршат потребната работа со луѓето кои вчера рекоа дека навистина сакаат да се стави крај на војната – рече Зеленски.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига изјави дека руските тврдења за наводен „обид за напад врз резиденцијата на Путин“ се измислени и служат единствено како изговор за нови напади врз Украина и поткопување на мировниот процес.
– Руските манипулации околу наводниот „обид за напад врз резиденцијата на Путин“ беа измислени само од една причина: да се создаде изговор и лажно оправдување за понатамошни руски напади врз Украина, како и да се поткопа и наруши мировниот процес – напиша Сибига на „X“.
Тој додаде дека ова е вообичаена руска тактика.
– Вообичаена руска тактика: да се обвини другата страна за она што самите го прават или планираат да го направат – рече Сибиха.
– Прво, Русија веќе ја нападна зградата на украинската влада оваа година. Второ, Украина ги таргетира само легитимните воени цели на руска територија, како одговор на руските напади врз Украина. Трето, Русија е агресор, а Украина е земја која е нападната и се брани во согласност со член 51 од Повелбата на ОН. Не може да има лажна еднаквост помеѓу агресорот и земјата која е бранета – рече Сибиха.
Конечно, тој ја повика меѓународната заедница да реагира. „Апелираме до светот да ги осуди провокативните руски изјави насочени кон попречување на конструктивниот мировен процес. Украина останува посветена на мировните напори предводени од САД, со учество на европски партнери“ – рече Сибига.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно изјави дека Украина извршила напад со беспилотни летала врз државната резиденција на рускиот претседател Владимир Путин во регионот Новгород во текот на ноќта. Тој изјави дека Украина ја нападнала државната резиденција со 91 беспилотно летало. Сите беспилотни летала биле уништени од руските системи за воздушна одбрана – додаде тој.


