Утрински Весник
Македонија

ДИК ги подготвува повторените локални избори за 11 јануари 2026

Dik.webp.webp
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

На денешната 165-та седница, Државната изборна комисија (ДИК) едногласно ги усвои одлуките за подготовка на повторените локални избори што ќе се одржат на 11 јануари 2026 година во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше. Исто така, на седницата беше усвоен и конечниот извештај за локалните избори во 2025 година, кој ќе биде доставен до Собранието.

– Овој извештај го доставуваме како и секогаш, после сите избори согласно Изборниот законик до Собранието и извештајот јавно се објавува, ги содржи потребните податоци за спроведените изборни дејствија од страна на Државната изборна комисија, преземените активности хронолошки се подредени, надлежностите и сè она што беше преземено од наша страна за време на изборниот процес.

Исто така, ги содржи и сите финансиски аспекти во врска со спроведувањето на изборите, трошоците кои ги имаше ДИК кои се наменети за целокупното работење и целокупните трошоци за сите изборни дејствија во врска со спроведените Локални избори, рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко. На седницата беа усвоени и одлуки за формирање на работна група задолжена за подготовка, проверка и достава на изборниот материјал до општинските изборни комисии. Групата ќе има овластувања слични на оние за локалните избори, но во помал формат и со ангажман ограничен на еден месец, до крајот на јануари 2026 година.

– Ние донесовме ваква одлука и во пресрет на локалните избори 2025 година. Со оглед дека важноста на оваа одлука е до 31.12, годинава, а поради повторените локални избори во јануари 2026-та, мораме да ги ангажираме овие лица кои ќе ги извршуваат истите функции, ќе ги имаат истите надлежности како и за локалните избори и на овие повторени избори. Нивниот ангажман ќе биде ограничен само на еден месец за време на спроведувањето на повторените избори значи во јануари 2026-та година заклучно со 31-ви јануари, рече Кондарко.

Дополнително, ДИК формира и меѓуинституционално координативно тело за ИКТ и безбедносни прашања, кое ќе вклучува експерти од ИТ и безбедност за непречено одржување на изборите. – Тие лица веќе беа ангажирани за локалните избори и професионално и стручно си ја извршија нивната работа така што овие лица се неопходно потребни, ги задржуваме со ограничен мандат со донесувањето на оваа одлука за да имаат формално пристап и овластување да ги извршуваат изборните дејствија од ИТ областа на работењето на ДИК, рече Кондарко. ДИК продолжува со редовните законски активности согласно роковникот за организација и подготовка на сите изборни дејствија за изборите на 11 јануари 2026 година.

Можете да прочитате

ГП Евзони (Богородица) затворен за сообраќај на сите видови возила

Објавен првиот „Македонски етимолошки речник“, издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Заврши реконструкцијата на ГАК вредна 110 милиони денари, на Клиниката годинава родени над 4 000 бебиња