
На плоштадот Македонија денес се одржа 11. издание на Coca‑Cola Дедомразовската трка 2025, традиционалната новогодишна улична трка во Скопје која уште еднаш го претвори центарот на градот во црвено море од дедомразовски костуми и празнично расположение.
Оваа година трката забележа рекордно учество со над 800 натпреварувачи од сите делови на Македонија. Највозрасниот учесник имаше 73 години, а најмладите беа бебиња помали од една година, кои заедно со своите родители ја почувствуваа веселата новогодишна атмосфера.
Стартот и целта традиционално беа поставени на Плоштад Македонија, додека патеката од околу 2 километри се протегаше низ центарот на градот. Трчаа професионалци, почетници, а на прошетка дојдоа и повеќе расположени лица.
Настанот, кој од година во година привлекува сè поголем интерес, повторно го задржа својот препознатлив карактер: пријателско темпо, многу насмевки и забава, фотографии и поддршка за сите учесници.



