
За илјадници пациенти, посетата на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ не започнува со лекарски преглед, туку со нервоза, чекање и обид да се најде паркинг место. Просторот наменет за паркирање одамна не одговара на реалните потреби на најголемиот здравствен комплекс во земјата, а секојдневниот хаос стана дел од неговата рутина.
Уште на приодните улици се создаваат колони од возила што чекаат да влезат во кругот на клиниките. Откако ќе се земе билет, следува нов круг на неизвесност – барање слободно место, често со кружење и по неколку пати. По завршувањето на здравствената услуга, пациентите повторно се соочуваат со редици, овојпат за наплата на паркингот, а излезот од комплексот во шпиц-термини знае да потрае и десетици минути.
Проблемот со паркирањето во Клиничкиот центар одамна ги надмина рамките на логистичко прашање и прерасна во системска слабост. Иако во изминатата деценија се сменија девет министри за здравство, ниту еден не понуди трајно и функционално решение. Речиси сите, при преземањето на функцијата, најавуваа дека токму паркингот ќе биде првиот проблем што ќе го решат – но хаосот остана.
Последното ветување доаѓа од актуелниот министер за здравство, Азир Алиу, кој најави „значително зголемување на капацитетите за паркирање и воспоставување ред“. Според објавата на неговиот официјален профил, Владата донела одлука за продолжување на постапката за решавање на проблемот, со префрлање на земјиштето во сопственост на државата, што треба да ја отстрани административната пречка за договор со ЈП „Градски паркинг – Скопје“.
Алиу најавува модернизација на паркингот, воведување мониторинг, информативни табли и дигитален водич за насочување на возилата, со цел пациентите и вработените да добијат „функционален, безбеден и организиран пристап“ до клиниките. Но ваквите најави, според искуството од минатото, кај јавноста се примаат со доза на скепса.
И претходните министри имаа слични изјави. Екс-министерот Фатмир Меџити уште на почетокот на својот мандат најави дека хаосот со паркирањето ќе биде приоритет, но конкретни промени не следуваа. Уште порано, за време на мандатот на Арбен Таравари, беше отворена и можноста за јавно-приватно партнерство, при што единствен понудувач за стопанисување со паркингот беше фирма од Албанија. Плановите за изградба на катни гаражи, најавени со рок од неколку месеци до една година, останаа само на хартија откако предлогот не доби зелено светло од Владата.
Денес, Клиничкиот центар функционира со истата инфраструктура, додека бројот на пациенти, вработени и возила постојано расте. Паркингот, наместо да биде поддршка на здравствениот систем, станува дополнителен стрес-фактор за луѓето кои доаѓаат по здравствена помош.
Дали најновите најави конечно ќе значат вистински исчекор или ќе се приклучат на долгата листа неисполнети ветувања, останува да се види. До тогаш, секојдневниот хаос во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ останува симбол на институционална немоќ – и потсетник дека дури и наједноставните проблеми, кога со години се игнорираат, стануваат хронични.
Извор: 4news.mk


