
Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа, во време на испраќање на божиќната порака, повторно го критикуваше водителот на ноќното ток-шоу Стивен Колберт, наведувајќи дека „треба да биде успиен“.
На Бадник, додека се емитуваше репризата на емисијата на Стивен Колберт првично објавена на 8 декември, американскиот претседател Доналд Трамп напиша на својата социјална платформа Truth Social дека Си-Би-Ес (CBS), телевизиската мрежа што ја емитува емисијата на Колберт, „треба да го успие водителот“, додавајќи дека „СЕГА тоа е хуманитарна работа што треба да се направи“.
„Стивен Колберт е патетичен пропаднат човек, без талент или нешто друго потребно за успех во шоубизнисот. Сега, откако беше отпуштен од Си-Би-Ес, но оставен да се исуши, тој всушност стана полош, заедно со неговите непостоечки гледаности. Стивен работи на омраза и испарувања ~ Мртов човек што оди! Си-Би-ЕС треба да го „успие“, СЕГА, тоа е хуманитарна работа што треба да се направи!“, напиша Трамп во својата објава на Truth Social.
Си-Би-Ес во јули објави дека „Доцнаноќната емисија со Стивен Колберт“ ќе биде откажана во мај 2026 година.
Телевизијата наведе дека одлуката се темели на финансиски причини, но многу експерти изразија сомнежи дека тоа го направиле од стравот од Трамп, бидејќи Колберт е еден од неговите најостри критичари.
Водителите на доцноноќните ток-шоуа често пати му се потсмеваат на Трамп. Откако тој беше избран за претседател, тие се сметаат за популарен формат за спротивставување на неговиот десничарски популизам, пренесе ДПА.


