
Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ јавно реагира поради, како што наведуваат, сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и официјалната обдукциска документација за причината за смртта на настраданите деца во трагичниот настан во клубот „Пулс“.
Од здружението посочуваат дека во одговор на Основното јавно обвинителство се наведува дека вештачењата на Институтот за хемија и анализите на МВР–Одделот за форензички испитувања (ОФИ) ја потврдиле веројатноста за испуштање цијанидни гасови како последица на согорувањето на материјалите во објектот. Сепак, клучното прашање, според нив, останува без одговор: дали при обдукциите е направена конкретна и насочена токсиколошка анализа за цијанид и други отровни гасови во телата на починатите.
Во конечните обдукциски наоди како причина за смртта е наведено задушување од јаглерод моноксид (CO). Меѓутоа, здружението укажува дека во самиот обдукциски налог јасно стои дека од телата се земени крв и урина не само за утврдување на CO, туку и за поширока токсиколошка анализа, со напомена дека дополнителните резултати ќе бидат доставени накнадно.
„До денес, овие дополнителни токсиколошки резултати не им се доставени на семејствата, ниту се содржани во конечните обдукциски наоди“, наведуваат од „16-ти Март 2025“. Според нив, ова отвора сомнеж дека заклучокот за причината за смрт е донесен без целосна и соодветна токсиколошка анализа, особено имајќи предвид дека водородниот цијанид не се детектира рутински и бара специфично и навремено испитување.
Како дополнителен аргумент, здружението посочува дека кај поголем дел од починатите биле утврдени ниски или нефатални вредности на јаглерод моноксид, што не е доволно за заклучок дека смртта е предизвикана исклучиво од CO. Тие истакнуваат дека цијанидот може да предизвика смрт и без високи CO вредности.
Од „16-ти Март 2025“ зборуваат за судир меѓу институционалните наоди: институциите потврдуваат веројатност за ослободување цијанидни гасови, обдукциските наоди ја наведуваат исклучиво интоксикацијата со CO како причина за смрт, а обдукцискиот налог признава дека други токсиколошки анализи допрва требало да бидат доставени.
Сè додека не се објават и официјално документираат резултатите од сите дополнителни токсиколошки анализи, од здружението сметаат дека не може со сигурност да се тврди дека причината за смрт е целосно и точно утврдена. Според нив, тоа значи дека обдукцискиот наод е нецелосен и постои основа за дополнително или независно вештачење, како и за правно оспорување на донесените заклучоци.
„Ова е оправдано и неопходно во интерес на вистината, правдата и достоинството на починатите“, порачуваат од Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“.



