
Македонската машка ракометна репрезентација ги почна денеска подготовките за настап на јануарското Европско првенство на кое во групната фаза за противници ќе ги имаат Данска, Португалија и Романија.
Селекторот Кирил Лазаров истакна дека репрезентацијата максимално квалитетно ќе се подготви за противниците во групата која ја оцени како исклучително тешка.
Македонскиот национален тим првите денови од подготовките ќе ги мине во Скопје, по што на 26 декември ќе замине за Хрватска каде ќе одигра еден контролен дуел со домаќинот. По кус одмор за Новогодишните празници, репрезентацијата ќе тренира во Скопје до 6. јануари, а потоа македонските ракометари ќе учествуваат на турнир во Швајцарија и ќе одиграат натпревари со Бахреин, Украина и Швајцарија.
„Одиме ден за ден, чекор по чекор, да се подготвиме добро. Имаме пријателски мечеви до шампионатот, така е направен подготвителниот период со повеќе натпревари, за играчите кои добиваат помала шанса во нивните клубови, да имаме пооптимална форма за првенството. Нема да имаме физички подготовки толку, туку играчите да се внесат во оптимална форма како колектив за шампионатот“, посочи Лазаров.
Настапот на ЕП, избраниците на Лазаров ќе го почнат на 16 јануари против домаќинот Данска во Хернинг.


