
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука за избор на нов селектор на македонската А репрезентација. За нов селектор е именуван Гоце Седлоски, едно од најпрепознатливите имиња во историјата на македонскиот фудбал.
Одлуката е донесена по предлог на Комисијата за избор на селектор, во чиј состав беа Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ, Горан Пандев – директор на Националните репрезентации, Николче Новески – раководител на Скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на Управниот одбор и Марјан Стојковски – потпретседател на ФФМ.
Гоце Седлоски како фудбалер остави длабока трага во националниот тим. Поранешниот капитен на репрезентацијата има 100 настапи и осум постигнати голови, со што останува првиот македонски фудбалер кој стигнал до јубилејни 100 настапи во националниот дрес.
Седлоски и претходно бил дел од стручниот штаб на репрезентацијата. Во август 2012 година ја водеше македонската А селекција како вршител на должност селектор на пријателскиот натпревар против Литванија во Скопје, кој заврши со победа од 1:0.
Во својата тренерска кариера, Седлоски работеше како асистент и в.д. селектор на Македонија, а на клупско ниво ги предводеше Хоризонт Турново, Вардар, Рига од Летонија, Широки Бријег од Босна и Херцеговина, вториот тим на Динамо Загреб, Шкупи, Влазниа од Албанија и Работнички.
Во досегашната тренерска кариера освои три шампионски титули – со Вардар во сезоните 2015/16 и 2016/17, со Шкупи во сезоната 2021/22, како и Куп титула со Вардар во сезоната 2024/25.
Од ФФМ истакнуваат дека веруваат оти искуството, авторитетот и длабокото познавање на македонскиот фудбал на Гоце Седлоски ќе донесат стабилност, континуитет и напредок на македонската А репрезентација во периодот што следува.



