Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова: Со донацијата во Хидробиолошкиот завод – Охрид, ТИКА повторно на дело го докажа турско-македонското пријателство

Foto 2.jpeg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Охрид, заедно со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, присуствуваше на примопредавањето на донацијата на Хидробиолошкиот завод – Охрид од страна на Турската агенција за развој и соработка, ТИКА.

Покрај теренско возило, ТИКА овозможи темелно реновирање и опремување на лабораториските и помошните простории во одделенијата за фитопланктон и за зоопланктон. Со тоа, како што истакна претседателката, ќе се надминат хроничните проблеми со коишто се соочува Хидробиолошкиот завод – Охрид. Таа искажа благодарност до пријателска Турција и до ТИКА за благородниот чин на поддршка на науката и заштитата на Охридското езеро. Истовремено, Сиљановска- Давкова ги поттикна државните институции да го следат примерот на ТИКА.

„Очекувам, оваа важна поддршка, да ја инспирира државата, бидејќи таа е најодговорна, да има свој удел во кадровското доекипирање на 10-те одделенија”, додаде претседателката.

За неа, потегот на ТИКА отвора простор за поширока и подлабока македонско-турска соработка и во други области: во економијата, во образованието, во културата и во туризмот.

Директорката на Хидробиолошкиот завод – Охрид, Орхидеја Тасевска истакна дека донацијата на ТИКА за нив претставува нов импулс за натамошна посветена и одговорна научна работа.

За претседателот на ТИКА, Абдула Ерен, денешната церемонија ги зацврстува пријателските македонско-турски односи.

Амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој потенцираше дека двете земји имаат традиција на добри односи. Истакнувајќи дека во Охрид, заедно живеат Македонци, Турци, Албанци и други, изрази подготвеност и натаму да придонесуваат за заштита на градот и природните убавини.

Можете да прочитате

Десет пожари на отворен простор, активни се шест

ЦЈЗ Тетово ја прекина состојбата на епидемија во Гостивар

На владина седница во вторник ќе биде донесена одлука за формирање на училишната кошничка