Утрински Весник
Македонија

Мицкоски, објави одлука од Апелациониот суд со која се утврдува дека СДСМ изнесувала невистини за него

22093324 06 2025mickoski.jpg

Премиерот, Христијан Мицкоски, објави одлука од Апелациониот суд со која се утврдува дека СДСМ изнесувала невистини и клевети против него.

„Во политиката постојат партии што се натпреваруваат со идеи и визија и партии што опстануваат преку клевети, лаги и фабрикувани конструкции. СДСМ одамна го избра вториот пат. Апелациониот суд со правосилна пресуда утврди дека СДСМ изнесувала невистини и тешки клевети за мене, без докази и без основа. Со оваа одлука, по потврдената првостепена пресуда, СДСМ и формално е судски утврдена како клеветничка партија. Тоа што со години го претставуваа како „политичка борба“, денес е официјално констатирано како недозволено и спротивно на правната држава“, вели Мицкоски.

Според него, оваа пресуда јасно го разоткрива нивниот политички модел: наместо аргументи, напади; наместо програми, дискредитации; наместо одговорност, лаги пласирани во јавноста со цел да се нанесе штета.

„Политичката критика е легитимна и потребна. Клеветата и лагата не се политика, туку злоупотреба на јавниот простор. Македонија мора да се движи напред со политика заснована на вистина, идеи и одговорност, а не со фабрикации и лични напади“, вели Мицкоски.

Тој вели дека оваа одлука за јасните клевети на СДСМ е жесток шамар и за сите нивни подизведувачи и гласноговорници.

„Истите кои ширеа гласини и правеа бичборд кампања против мене. СДСМ одбира да продолжи по тој пат на лаги, клевети и манипулации, надевајќи се дека ќе игра со чувствата на граѓаните, во ситуација кога дезинформациите и чувствата кои тие ги создаваат се побрзи од вистината и разумот. Тие одлучуваат да продолжат да го потценуваат сопствениот народ. Тоа не е само одлука, туку е врвно предавство на моралот и вредностите во политиката и посебен вид предавство на сопствениот народ. Тие мислат дека така ќе успеат. Но времето ќе им докаже дека грешат. А народот ќе им докаже дека е посилен од нив и дека ваквите лаги нема никогаш да им пројдат“, напиша Мицкоски.

Можете да прочитате

Муцунски: Во свет каде непредвидливоста е новата реалност, диверзификацијата е клучот за економска отпорност

Манасиевски: Неодговорното однесување на Трендафилов излезе на виделина, политичкиот театар нарачан од СДС и Левица излезе на површина

Уапсено лице од струшко, во возилото во кое се наоѓал биле пронајдени дрога, оружје и муниција