Утрински Весник
Свет

Еврокомисијата покрена истрага против „Гугл“ 

Google 11.jpg

Европската комисија започна формална антимонополска истрага за да процени дали американскиот технолошки гигант „Гугл“ ги прекршил правилата за конкуренција на ЕУ, поврзани со објавувањето содржини на онлајн платформата за споделување видеа Јутјуб, соопшти заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста.

– Истрагата особено ќе испита дали „Гугл“ ја нарушува конкуренцијата со поставување нефер услови за издавачите и креаторите на содржини или што си дозволува привилегиран пристап до такви содржини, со што ги става во неповолна положба креаторите на конкурентски модели на вештачка интелигенција, информира Подеста.

Таа нагласи дека согласно процедурите за водење за ваквите истраги, Комисијата е и ќе остане во контакт со „Гугл“ во целиот тек на нејзиното спроведување, како и дека за одлуката за покренување на случајот ги известила и американските власти.

– Не можам однапред да проценам каков ќе биде одговорот на американските власти, но можам да потврдам дека контактиравме со нив по ова прашање, истакна Подеста.

На новинарско прашање дали по бурните американски реакции за казната на Икс изречена во петокот, Еврокомисијата со денешната одлука за започнување истрага против „Гугл“ сака да демонстрира дека не се плаши од заканите од САД, Подеста даде негативен одговор.

– Она што сакаме да го покажеме е дека како и секогаш, носиме одлуки врз основа на специфични случаи поврзани со антимонополските правила и Законот за дигитални услуги и со спроведувањето на Законот за дигитални пазари, рече Подеста.

Според неа, кога станува збор за конкурентските и антимонополските правила, ЕУ реагира независно од која земјата потекнува засегнатата компанија и главниот фокус на истрагите е можното противзаконско однесување што може да им нанесе штети на конкуренција и на потрошувачите во Европската Унија.

– Ние секогаш ги спроведуваме нашите правила на многу фер и правичен начин и ќе продолжиме да го правиме тоа без дискриминација кон компаниите што работат во ЕУ. Исто така, дозволете ми да ве потсетам дека сите одлуки што ги донесуваме во рамките на ЕУ се предмет на независна судска контрола, истакна Подеста, додавајќи дека покренувањето на истрагата, не го прејудицира нејзиниот исход.

Во образложението на одлуката за отворање на истрагата, Комисијата наведува дека е загрижена оти „Гугл“ можеби користел содржини на веб-издавачите за да обезбеди генеративни услуги управувани од вештачка интелигенција на своите страници без да им обезбеди соодветна компензација и без да им понуди можност да не дозволат користење на нивната содржина.

– Креаторите на содржини кои прикачуваат видеа на Јутјуб имаат обврска да му дадат дозвола на „Гугл“ да ги користи нивните податоци за различни цели, вклучително и за обука на генеративни модели на вештачка интелигенција. „Гугл“ не ги компензира креаторите на содржини на Јутјуб за нивното користење, ниту пак им дозволува да прикачуваат содржини на платформата ако не му овозможат да ги користи тие податоци. Во исто време, со политиките на Јутјуб, на конкурентските развивачи на модели на вештачка интелигенција им е забрането да ги користат содржините објавени на Јутјуб за развој на сопствените модели на вештачка интелигенција, наведува ЕК.

Доколку сомнежите на Еврокомисијата бидат докажани, тоа ќе претставува прекршување на правилата за конкуренција на ЕУ што забрануваат злоупотребата на доминантна позиција на пазарот.

Можете да прочитате

По златото и среброто со рекорден раст на цената

12 лица загинаа во пожар во станбена зграда во јужна Кина

Во Кина погубен менаџер поради примање мито