
Вториот ден од функционирањето на проектот „Безбеден град“ донесе голем број реакции во јавноста, откако стотици возачи веќе почувствуваа како изгледа автоматската контрола на сообраќајните прекршоци. Новововедените камери на МВР, поставени на различни локации низ државата, веднаш почнаа да регистрираат неправилности во возењето – од пречекорување на брзината до минување на црвено светло.
Целта на проектот е да воведе дисциплина во сообраќајот и да го намали бројот на сообраќајни несреќи. Властите потсетуваат дека почитувањето на правилата е единствениот начин граѓаните да избегнат глоби и санкции, кои вклучуваат и можност за одземање на возачка дозвола при сериозни или повторени прекршоци.
Иако дел од камерите се поставени на поголемите и фреквентни крстосници, голем дел од нив не се видливи на прв поглед. Возачите велат дека најголемиот предизвик е токму тоа што никој со сигурност не знае каде се поставени сите уреди за надзор.
Сепак, дел од сообраќајните апликации веќе ги мапираа новите камери. Меѓу најкористените е „Waze“, која според корисниците веќе содржи речиси целосна мапа на поставените уреди. Оваа апликација ги предупредува возачите за камери, полиција, застои и работи на пат, па оние што ја користат имаат подобра можност навремено да добијат информација за условите на делницата по која се движат.
Проектот „Безбеден град“ останува тема број еден меѓу возачите, кои деновиве внимателно ги следат и новите правила и локациите на камерите, но и потенцијалните казни што може да стигнат доколку се прекршат сообраќајните прописи.

