
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, денеска присуствуваше на Националната конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, што се одржа во Скопје во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
На конференцијата, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, претседателот на РСБСП Горан Ангеловски, како и градоначалници од целата држава, беа разгледувани заедничките мерки и политики за унапредување на сообраќајната безбедност во локалните заедници.
Проданоски ја потпиша Декларацијата за безбедност во сообраќајот, со која Општина Прилеп се обврзува на модернизација на раскрсниците и локалната патна мрежа, подобрување на безбедните услови за пешаци, велосипедисти и останатите учесници во сообраќајот, идентификација и намалување на „црни точки“, како и примена на безбедносни стандарди во урбанистичкото планирање и идните проекти.
„Нашата цел е јасна – создаваме град со современа и безбедна инфраструктура, каде сообраќајот не претставува ризик, туку ред и сигурност за сите граѓани. Продолжуваме решително и одговорно да работиме на проекти кои ќе ја подобрат сообраќајната култура, инфраструктурата и безбедноста во Прилеп. Безбедноста е наша заедничка обврска, а секој заштитен живот претставува најголема вредност“, истакна Проданоски.


