
Американската администрација не смета дека е потребно државниот секретар Марко Рубио да присуствува на долго планираниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел, и покрај актуелните разговори за потенцијално мировно решение за војната во Украина, јави ДПА.
„Секретарот Рубио веќе присуствуваше на десетици состаноци со сојузниците на НАТО и би било сосема непрактично да се очекува да присуствува на секој состанок“, изјави синоќа за ДПА портпаролот на Стејт департментот.
Заменик-државниот секретар Кристофер Ландау ќе присуствува утре на разговорите во главниот град на Белгија, кои ќе се фокусираат на континуираната поддршка за Украина.
Оттаму наведуваат дека Рубио денеска е во Вашингтон поради други ангажмани во Белата куќа.
Многу невообичаена ситуација е американски државен секретар да ги прескокне формалните состаноци на НАТО, наведува германската агенција.
„Не можам да се сетам на нешто вакво во поновата историја“, изјави поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску, на X, забележувајќи дека отсуството би испратило погрешен сигнал, особено во време кога е потребна поблиска координација со европските сојузници за Украина.
Можна причина зад одлуката на САД се чини дека е тоа што делови од администрацијата го гледаат НАТО како пречка за успешно спроведување на неодамнешната иницијатива на претседателот Доналд Трамп насочена кон прекинување на војната на Русија во Украина.
Неодамнешниот нацрт мировен план од 28 точки вклучуваше дел со кој се повикува НАТО целосно да се откаже од приемот на нови членки. Нацртот, исто така, сугерираше дека САД се гледаат себеси помалку како членка на НАТО, а повеќе како надворешен посредник, предлагајќи дијалог меѓу Русија и НАТО со посредство на САД.
Клучните европски членки на НАТО, вклучувајќи ги Германија, Франција и Италија, ги критикуваа овие пасуси. Како одговор, американските претставници рекоа дека прашањата поврзани со НАТО ќе се разгледуваат одделно со сојузниците, потсетува ДПА.

