Утрински Весник
Македонија

Левица тврди: Власта прави „данок на сиромаштија“ од инфлацијата

Levica.webp.webp

Во услови кога државата се соочува со највисокиот просечен раст на трошоците на живот во последните години, Владата предводена од коалицијата ДПМНЕ – ЗНАМ – ВРЕДИ продолжува да тврди дека „инфлацијата е под контрола“. Меѓутоа, официјалните податоци и реалноста на секојдневниот живот на граѓаните го демонстрираат спротивното.

Само во октомври, споредено со истиот месец лани, забележано е зголемување на цените од 5,17%. Кај категоријата храна и безалкохолни пијалоци растот изнесува значајни 7,25% додека кај рекреација и култура достигнува дури 7,85%. Овие индикатори јасно укажуваат на продолжен и интензивен инфлаторен притисок врз семејниoт буџет.

Таквата динамика на цените ја потврдува тезата дека инфлаторниот процес не е ниту привремен, ниту доминантно „увезен“ како што претставува Владата. Напротив, станува збор за длабоко структурен проблем кој произлегува од недоволна економска координација, слаба институционална регулација и ОТСУСТВО на конзистентни антиинфлаторни политики.

Владата не успеа да изгради ниту една конзистентна политика за заштита на стандардот на граѓаните и наместо системски мерки гледаме импровизации што траат кратко. Истовремено, корпоративните профити растат, а реалната плата за мнозинството граѓани заостанува зад инфлацијата што значи дека работниците се секој месец реално посиромашни.Ваквата економска политика не е само неспособност тука таа претставува избор. Избор да се стави профитот на крупниот капитал пред потребите на граѓаните. Избор да се прикриваат слабостите на системот со политички пораки наместо со реални реформи. И избор да се дозволи инфлацијата да се претвори во нов данок на сиромаштијата.

Левица уште еднаш предупредува дека без јасна стратегија за сузбивање на инфлацијата, без воспоставување на вистинска контрола над клучните пазари и без политики што ја штитат реалната вредност на платите, државата ќе продолжи да тоне во спирала на поскапувања и раст на нееднаквоста. Приоритетот треба да биде: економија во служба на граѓаните, а не граѓани во служба на економските интереси на малкумина, стои во реакцијата на Левица..

Можете да прочитате

Предлогот за новите министри на ВРЕДИ сепак се уште не е пристигнат до пратениците

Бранко Аџигогов повеќе не е генерален директор на Фондот за здравство

Сиљановска-Давкова: Потребна е реална заштита на жените од насилство