
Прашан во авионот „Ер форс уан“ (Air Force One) за извештајот на Њујорк Тајмс од петокот, во кој се наведува дека Трамп имал телефонски разговор со Мадуро претходната недела, американскиот претседател рече: „Не сакам да коментирам за тоа. Одговорот е да.“
– Не би рекол дека помина добро или лошо. Тоа беше телефонски разговор, додаде Трамп, пренесува ДПА.
Цитирајќи повеќе извори запознаени со ова прашање, Њујорк Тајмс објави дека Мадуро и Трамп разговарале за можна средба, иако наводно не биле направени никакви планови.
Новинарите во „Ер форс уан“ исто така прашаа дали е неизбежен воздушен напад врз Венецуела, откако Трамп претходно во текот на неделата изјави дека операциите „по копно“ за запирање на наводните венецуелски трговци со дрога ќе почнат „многу наскоро“ и дека воздушниот простор на јужноамериканската земја треба да се смета за „целосно затворен“.
– Не претпоставувајте ништо, одговори Трамп.
Администрацијата на Трамп во последните недели ја засили реториката и мерките против Венецуела.
САД распоредија дополнителни трупи во Карибите и го преместија најголемиот носач на авиони во светот, ЈуЕсЕс Џералд Р. Форд, од Средоземното Море во регионот, придружуван од други воени бродови и бомбардер со долг дострел.
Според американската влада, мисијата е насочена кон борба против шверцерите со дрога. Американските власти велат дека повеќе од 80 луѓе веќе загинале во напади врз наводни чамци со дрога.
Среде растечките тензии, се шпекулираше дека нападот врз цели во Венецуела би можел да биде неизбежен, заедно со прашањата за тоа дали американската влада можеби бара промена на режимот во Каракас.
Коментарите на Трамп доаѓаат во време кога Мадуро ги обвини САД дека се обидуваат да преземат контрола врз нафтените резерви на неговата земја со своето зголемено воено присуство во Карибите.
Во писмо до Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), Мадуро вчера рече дека Вашингтон сака да „ги заплени огромните нафтени резерви на Венецуела, најголеми на планетата, преку смртоносна воена сила“.
Оваа закана ги загрозува „регионалниот и меѓународниот мир, безбедност и стабилност“, и претставува ризик за венецуелското производство и меѓународниот пазар на нафта, рече тој.
Мадуро додаде дека САД собрале 15.000 војници и 14 воени бродови на Карибите, бројка на војници што се совпаѓа со извештаите на американските медиуми.
САД не го сметаат Мадуро за легитимен претседател. Како и ЕУ и многу латиноамерикански држави, тие го оспоруваат официјалниот резултат од претседателските избори во 2024 година, кои беа проследени со наводи за измама
САД исто така ја обвинуваат Венецуела за вмешаност во трговија со дрога, обвинение кое Венецуела го отфрла.
ОПЕК има 12 членки, вклучувајќи ги Венецуела, Саудиска Арабија, Ирак и Обединетите Арапски Емирати. Мадуро го адресираше своето писмо и до картелот ОПЕК+, групација која вклучува други клучни производители како Русија.

