Утрински Весник
Македонија

Еден ѕид кај Детската клиника од 2022 стои опасно, никој не мрда прст!

E840efd9 f545 48f0 9f3f c5bb84de755a.jpeg

Иако уште во ноември 2022 година Центарот за управување со кризи (ЦУК) алармираше дека постои сериозен ризик од уривање на потпорниот ѕид на улицата што минува над Клиничкиот центар поточно над Детската клиника, ситуацијата до денес не е променета. Наместо санација, се што се случи е постепено пропаѓање на конструкцијата, што ја прави оваа локација една од најопасните точки околу Државната болница.

Потсетување дека на 10 јуни 2024 година, дел од ѕидот навистина се урна, а фрагменти завршија на улицата по која секојдневно минуваат возила, медицински персонал, родители со деца, пациенти и посетители. Од ЦУК тогаш посочија дека уште пред повеќе од една година ги известиле сите надлежни Министерството за здравство, Град Скопје, Општина Центар и Министерството за внатрешни работи со јасна порака дека мора итно да се преземат мерки за да се избегне трагедија.

„За жал, една и пол година подоцна не е преземено ништо. Состојбата со ѕидот е уште полоша. Прашање на ден, а можеби и на час е кога ќе се сруши и останатиот дел од ѕидот каде се паркираат возила и се движат луѓе“, изјави тогаш директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, упатувајќи апел за итна реакција на институциите.

Дополнителен проблем, како што објасни Ангелов тогаш, е системот на подземни шахти и канали под улицата, за кој не може да се утврди кој е надлежен за одржување. Каналите се во лоша состојба, не ја собираат подземната вода и со тоа дополнително го разоруваат веќе нестабилниот потпорен ѕид.

Иако помина речиси година по последното уривање и повеќе од две ипол години по првите предупредувања, денес на терен нема ниту санација ниту најави за конкретни зафати. Ниту едно од ветувањата и институционалните надлежности не е реализирано. Сликата е идентична како во 2022 година распукани делови, ерозирана подлога, видливо пропаѓање и опасна близина до сообраќајницата и пешачките патеки. Ризикот за пешаците, возилата и посетителите на клиниките останува исклучително висок.

Граѓаните, вработените во здравствениот комплекс и пациентите секојдневно минуваат покрај потенцијално опасна локација, додека институциите продолжуваат со меѓусебно префрлање надлежности. Прашањето кое останува отворено е дали ќе се реагира пред да се случи несреќа, или повторно ќе се чека трагедијата да биде поттик за акција и префрлање на ингиренциите министерство на општина, општина на град Скопје.

Можете да прочитате

За првпат државата го проби рокот за исплата од „МојДДВ“, дел од скенирачите на сметки останаа без пари

Сообраќајно недоразбирање завршило со убодна рана во Тетово

Поради обилни врнежи од дожд повторно надојде Калковска Река, сообраќајот е пренасочен