
Министерството за заштита на животната средина на Виетнам соопшти дека во поплавите што ја зафатија земјата, за една недела, загинале најмалку 90 луѓе.
Од 16 ноември повеќе од 60 загинати лица се пронајдени во планинската провинција Дак Лак во централниот дел на Виетнам, каде надојдената вода поплави десетици илјади домови.
Во јужните и централните делови на Виетнам дождот постојано врне од крајот на октомври, поради што голем број туристички дестинации, историски локалитети и куќи се под вода.
Во крајбрежниот град Ња Транг, јужен Виетнам, цели населби се под вода, а регистрирани се и свлечишта на планината Да Лата, популарна туристичка дестинација.
Повеќе од 80.000 хектари оризови полиња и други култури се уништени, а над од 3,2 милиони грла добиток беа однесени од надојдената вода.
Поради невремето денеска се затворени неколку автопатишта и пруги, а без електрична енергија се околу 129.000 граѓани.
Се проценува дека поплавите предизвикале штета во висина од околу 300 милиони евра.
Властите распоредија хеликоптери кои доставуваат храна во изолирани области, додека десетици хуманитарни работници се на терен и обезбедуваат облека и таблети за прочистување на водата.
Во крајбрежната покраина Кан Хоа, јужен Виетнам минатата недела поплавите уништија два висечки моста.
Виетнам секоја година од јуни до септември се справува со поројни дождови, но експертите предупредуваат дека дождовите стануваат поразорни и почести поради климатските промени.

