
И покрај трагичните настани во Кочани и засилените апели за почитување на безбедносните стандарди, надлежните институции повторно открија сериозни прекршувања овојпат во Кавадарци.
На 22 ноември 2025 година, околу 00:10 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го привеле А.В. (57) од Република Србија, познат на јавноста како Аца Лукас. За време на координирана акциска контрола во угостителски објекти на подрачјето на Кавадарци, спроведена од полицијата, Одделението за криминалистички работи при СВР Велес, инспектор за странци од РЦ за гранични работи Југ, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и УЈП, било утврдено дека Лукас настапувал без потребна работна дозвола или дозвола за престој.
Против него е поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци, а Основниот суд Кавадарци му изрекол парична казна.
Контролата открила и дополнителни неправилности во истиот угостителски објект:
— неиздавање фискални сметки,
— прекршување на Законот за пушење,
— присуство на поголем број гости од дозволениот капацитет, што претставува сериозно нарушување на безбедносните протоколи.
Во дел од објектот според информации се продавале и ВИП ваучери без никаква фискална сметка.
Надлежните институции информираат дека сите прекршоци ќе бидат соодветно санкционирани, а Министерството за внатрешни работи најави дека зајакнатите контроли ќе продолжат низ целата држава со цел превенција и спречување на какво било кршење на законите.


