Утрински Весник
Македонија

Алиу: Сите слободни места за специјализации ќе се базираат на податоците за неопходни кадри, а не на телефонски повик

20251121122049 big 730x400 35.webp.webp

Министерот за здравство Азир Алиу денеска истакна дека креираат матрица на човечки ресурси во здравството, според која, ќе се креираат сите политики од денеска па натаму, што ќе значи дека нема веќе да има отворање конкурс за специјализанти по градови, по желба на институцијата ако тоа не се вклопува со таа матрица на податоци за човечки капацитети. 

– Нашите податоци ќе бидат дел од анализите заедно со Министерството за образование и наука. Креираме национална стратегија за 10 години за човечки капацитети. Според овие анализи ќе знаеме и ќе бараме од Министерство за образование и наука да се отвораат толку слободни капацитети во средно и високо образование за да можеме после тие да ги вклопиме според нашите барања компарирани со европските стандарди. Триесет години Министерството за здравство немаше матрица на вработени и класифицирани на ниво на институција, не само на ниво на град, рече Алиу, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференција за почетокот на анализата на податоците на моменталната ситуација на човечките ресурси во јавните и приватните здравствени установи низ државата.

Посочи дека бројот на здравствени професионалци е зголемен во овој период, но човечките ресурси во здравството и натаму се недоволни според европските стандарди и дека и натаму има недостиг на лекари и медицински сестри.

– Бројот на лекари се зголеми минимално во последната деценија од 265 на 100.000 жители во 2010 година, на 296 на 100.000 жители во 2020 година. Но, тоа е далеку од просекот во ЕУ, според кој, има 412 лекари на 100.000 жители. Бројот на медицински сестри се зголеми од 356 на 100.000 во 2010 година, на 440 на 100.000 жители во 2020 година, што едвај е половина од ЕУ стандардите според кои има 838 медицински сестри на 100.000 жители, рече Алиу.

Посочи дека денеска веќе е јасно во секоја институција колку медицински сестри има, кој тип кадар го има и тие се профилизирани со 550 класификации според ИСО стандардот и веќе има јасна и точна слика и затоа им требало време да компарираат. 

– Правиме промена на законите, оваа алатка ќе биде задолжителна и според неа, ќе мора јас како министер да дадам или не дадам согласност во некоја здравствена институција кој профил ќе ни треба, а таа ќе биде исто така поврзана со таа нациоанална стратегија за десет години. Веќе ќе имаме рамка и алатка според која и министерот ќе биде ограничен да даде позитивно мислење за нешто што не треба во здравството. За жал сега имаме недоволна организација на здравствените капацитети. Има профили кои се повеќе отколку што треба во државата, а има профили кои недостигаат, кои ќе бидат приоритет во иднина. Ќе правиме редистрибуција на човечките капацитети. Тоа значи дека ако институција А има пет лекари од областа А, а само тројца се потребни, тогаш двајца ќе треба да одат во институција Б, бидејќи таму има недостиг, рече Алиу.

Со таа реорганизација на човечките капацитети, појасни министерот, ќе можеме во оваа фаза да оптимизираме човечки ресурси, но тоа нема да го реши проблемот со недостигот на медицински кадар.

– Затоа ќе продолжиме понатаму интензивно за нови специјализации и профили. И таму правиме голема реформа, специјализациите нема да бидат како што овие 15 години ги креираме, тој профил на кадар. Дојдовме до заклучок дека неопходни се општи специјализации кои ги немаме, затоа ги враќаме и за една недела ќе имаме прес-конференција на тема специјализации. Ве уверувам дека за месец, месец и пол ќе видите дека сите слободни места за специјализации ќе бидат базирани на оваа табела, а не на телефонски повик од типот „сакам моето дете да биде ваков или таков доктор“. Паралелно работиме со нашите лекари и медицински сестри кои се надвор од државата за да може некој од нив да се вратат. Тројца веќе вративме во Македонија, додаде Алиу.

Можете да прочитате

Три години затвор и пет години забрана за вршење дејност за гинекологот Асани за случајот со родилката од Дебар

Обвинителството се жали на ослободителната пресуда за таткото на Вања Ѓорчевска

Дождовите го зголемија дотекот на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“