Утрински Весник
Македонија

Средба на делегација предводена од министерот за култура и туризам Љутков со еврокомесарот за  меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Микалеф

Brisel 2.jpg

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска во Брисел остварија работна средба со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалеф.

Главна тема на средбата беше проектот „Скопје – Европска престолнина на културата”, при што делегацијата го информираше еврокомесарот Микалеф за моменталната состојба, предизвиците и неопходните чекори за негово понатамошно унапредување. Министрите Љутков и Муцунски, заедно со градоначалникот Ѓорѓиевски, ги презентираа позициите на Владата и на Градот, за што добија јасна поддршка и разбирање од претставниците на Европската Унија.

„Сакаме да ја информираме македонската јавност дека проектот, за жал, досега беше целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, особено во делот на програмата содржана во апликациската книга – т.н. ‘Bid Book’. Наместо да се следат транспарентни и инклузивни процедури, проектот беше воден без консултации со релевантните институции, без усогласување со националните културни политики и без суштинско вклучување на културниот сектор. Ова сериозно го наруши кредибилитетот на апликацијата и ја загрози можноста Скопје да се позиционира како вистински европски културен центар”, истакна министерот Љутков.

По денешната средба и воспоставената институционална координација, процесите поврзани со проектот се целосно одблокирани и вратени во законски и професионални рамки. Владата и Град Скопје остануваат цврсто посветени на неговата реализација и ќе ги обезбедат предвидените средства од 40 милиони евра во период од четири години.

Проектот претставува можност за темелна трансформација на Скопје – преку развој на културната инфраструктура, зајакнување на заедништвото, поддршка на иновации и промовирање европски вредности. Реализацијата ќе се спроведува со целосна транспарентност, отчетност и активно учество на сите релевантни чинители на национално и на меѓународно ниво.

„Скопје – Европска престолнина на културата” е визија за отворен, модерен и динамичен град кој ја вклучува заедницата, ги охрабрува младите, ги поддржува уметниците и создава простор за силна културна размена и соработка. Нашата престолнина ќе биде достоен претставник на Македонија на европската културна сцена.

Можете да прочитате

Нови 2.062 случаја на грип, сезонава три лица починати со грип

Сослушани сведоци на судењето за случајот „Онкологија“

Филипче: Илјада токсични наслови – докази за организиран линч врз мене и СДСМ