Утрински Весник
Македонија

Рубикон не виделе, не реагирале, не спречиле – над 600 гости, ниту една безбедносна контрола

Whatsapp image 2025 11 19 at 10.09.07.jpeg

На денешното судење за трагедијата во дискотеката „Пулс“, обвинителот Борче Јанев го отвори воведното излагање со длабоко емотивни, но правно прецизни зборови, опишувајќи го „непрекинот синџир на непостапување“ кој довел до смртта на 63 млади луѓе. На удар се најдоа сите институции, но особено сопственикот на клубот, Дејан Јованов, кој според обвинението уште од 2012 година создал објект што, наместо ноќен клуб, бил „подготвена замка“.

„Безбедноста во Пулс не била компромитирана – таа никогаш и не постоела“, рече Јанев, нагласувајќи дека клубот функционирал со затворени излези, обложени токсични материјали, без противпожарен систем, аларми, прскалки или хидрантна мрежа. Обвинителот истакна дека токму Дејан и Михајло Јованов го договориле настапот на групата ДНК и користењето пиротехника, практика што се повторувала повеќе пати. Токму тие опасни „фонтански уреди“, поставени на сцената од сега починатиот Мартин Атанасовски, биле искрата што го запалила плафонот обложен со високо токсичен сунѓер, материјал кој сопственикот го поставил „на своја рака“.

„Таму каде што требало да има безбедност, имало бензин“, нагласи Јанев. Објектот бил преполн со над 600 гости во простор со дозволен капацитет далеку помал, а обезбедувањето ангажирано од обвинетото правно лице „Рубикон“ не спровело ниту основна контрола на влезот, ниту проверка на опасни предмети. „Во ниту еден момент немало грижа за безбедноста. Не виделе, не реагирале, не спречиле – затоа што никогаш не го ни правеле тоа“, потенцираше обвинителот.

Јанев оцени дека повеќе институции подолго време не реагирале на незаконското работење на клубот. „Претходникот го учел следбеникот на молчење. Сите го наследувале и го прифатиле молкот како службен протокол“, рече тој, додавајќи дека ова не е случај на единечен пропуст, туку на заедничко и континуирано соизвршителство, бидејќи сите обвинети „дадoле свој особен придонес кон настапената ужасна последица“.

Во еден од најемоционалните моменти, Јанев рече: „63 животи згаснаа. Тоа не се бројки. Тоа се имиња, семејства, недоживеани утра и празни домови.“ Тој потенцираше дека трагедијата можела да биде спречена доколку барем една институција или барем едно одговорно лице, вклучително и сопственикот Дејан Јованов, ја исполнело својата законска обврска.

„Ако Пулс ги исполнуваше стандардите, ако вратите беа проодни, ако материјалите не беа отровни – пожарот ќе беше инцидент, а не масовна гробница“, порача Јанев, нагласувајќи дека ова судење е клучен момент за вистината и правдата за жртвите.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да не глуми чесен кога целиот е со лузни од здравството кое го упропасти и украде

По дождливиот период, од недела пад на температурите и снег на планините

(Видео) Мајки на настрадани деца во „Пулс“: Со која совест адвокатите на обвинтетите ќе земаат крвави пари?