Утрински Весник
Македонија

Климатските предизвици, правната заштита и институционалната координација, во центарот на националната тркалезна маса

Screenshot 20251119 111605 gallery.jpg

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денеска во „Клубот на пратеници” во Скопје се обрати на „Националната тркалезна маса за Конвергенција на климатската и еколошката правда” (КЕП), како дел од регионалната иницијатива поддржана од Француската агенција за развој (AFD) и Expertise France (EF). Настанот претставува дел од пошироките заложби за унапредување на климатската и еколошката правда во Албанија, Црна Гора и во нашата држава, во согласност со европските стандарди за конвергенција, транспарентност и владеење на правото.

На настанот свое обраќање имаа и Амбасадорот на Република Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, министерот за правда Игор Филков, министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија Орхан Муртезани, претседателот на Врховниот суд Африм Фидани, како и јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

Тркалезната маса имаше за цел да ги обедини институциите, експертите и граѓанскиот сектор од областа на животната средина и правдата, со фокус на потребата од поефективна меѓуинституционална координација, непречен пристап до правдата и ефикасно спроведување на законите во областа на климатската и еколошката заштита.

„Нашата цел е да изградиме институции што ќе обезбедат не само заштита на животната средина, туку и вистинска еднаквост пред законот. Еколошката правда мора да стане секојдневна практика, а не декларативна цел. Само така ќе ја обезбедиме европската иднина што ја заслужуваат нашите граѓани,” истакна заменик министерката Лашкоска, нагласувајќи дека заштитата на природните ресурси мора да биде цврсто втемелена во правната рамка и институционалната практика.

Учесниците ја истакнаа потребата од институционално зајакнување преку континуирана обука на судиите, јавните обвинители и инспекторите, подобрување на стандардите за мониторинг и поефикасно процесирање на случаите поврзани со животната средина. Европските модели на еколошка правда беа наведени како примери за интегриран пристап, преку кој се обезбедува еднаков третман и заштита за сите граѓани.

Дополнително беше нагласено дека принципите на еколошката правда мора да бидат вградени во националните стратегии за климатска отпорност, енергетска транзиција и одржлив развој. Овие процеси се неопходни за создавање современ систем кој ќе понуди долготрајна заштита на природните ресурси и ќе ја јакне отпорноста на општеството во целина и на локалните заедници.

Нашата држава продолжува да го гради својот институционален и правен систем во насока на европските стандарди, обезбедувајќи дека еколошката и климатската правда стануваат централни елементи на националните политики. Инвестициите во човечки капитал, продлабочувањето на регионалната соработка и развивањето на модерни механизми за пристап до правда претставуваат темел за отпорна, одржлива и европска иднина.

Оваа трансформација не е само техничка обврска, туку заедничка визија — да се создаде општество во кое животната средина е чиста и заштитена, правдата достапна, а иднината сигурна, со европски стандарди и можности за сите генерации.

Можете да прочитате

Филипче: Судењето за Кочани е тест за целото општество, мора да се води кристално чисто

Го излажал дека ќе го ослободи син му од притвор, при што му зел 7.750 евра

Нападнат ученик и 19-годишна девојка среде бел ден во Скопје