
Алдина Јахиќ (32), економистка и истражувачка од Калесија, е жената што беше убиена во Мостар од нејзиниот поранешен партнер, фудбалскиот судија Анис К. (33). Трагедијата се случи во саботата вечер, во момент кога Алдина се обидувала да избега во угостителски објект во центарот на градот.
Според истрагата, Анис ја следел од автобуската станица, го паркирал автомобилот на околу педесетина метри од ресторанот и влегол по неа. Девојката се засолнила во тоалетот, но тој ја пронашол и пукал кон неа од непосредна близина. Полицијата пристигнала за две минути, но веќе било предоцна.
Обвинителката Весна Прањиќ потврди дека Алдина претходно добивала закани од поранешниот партнер, но не поднесла пријава, верувајќи дека заканите нема да преминат во насилство.
Во моментот на нападот, таа била на пат кон фитнес-салата. „Тој ја пресретнал, физички ја нападнал и ѝ вперил пиштол. Таа избегала кон хотелот и се обидела да се сокрие, но тој ја следел и ја усмртил“, рече Прањиќ.
Анис К., активен судија во Првата лига на Федерацијата БиХ и син на поранешен фудбалер на „Вележ“, неодамна легално регистрирал пиштол, тврдејќи дека добивал закани поради судиската работа. По убиството се обидел да се самоубие, но оружјето закочило. Приведен е веднаш на местото на злосторството.

