Утрински Весник
Свет

Смртоносниот вирус „Марбург“, повторно откриен во Африка, убива до 80 проценти од заразените пациенти

B 251116011 800x500 1.jpg

Властите во Етиопија потврдија епидемија на смртоносниот вирус Марбург, болест слична на ебола, при што се откриени најмалку девет случаи. Болеста убива до 80 проценти од заразените.

Вирусот се појави во јужна Етиопија, а Африканските центри за контрола и превенција на болести (Африка ЦДЦ) го наведоа вирусот „Марбург“ како еден од најсмртоносните познати патогени.


Како и еболата, Марбург предизвикува тешко крварење, треска, повраќање и дијареја, а инкубацискиот период е 21 ден. Како и еболата, се пренесува преку контакт со телесни течности и има стапка на смртност помеѓу 25 и 80 проценти.

Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус од Етиопија, во петокот потврди дека најмалку девет случаи се откриени во јужна Етиопија, два дена откако Африканскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC) беше известен за сомнителниот хеморагичен вирус во регионот.

„Болеста од вирусот Марбург (MVD) е потврдена од Националната референтна лабораторија (во Етиопија). Во тек се понатамошни епидемиолошки истражувања и лабораториски анализи, а откриениот сој на вирусот покажува сличности со оние претходно идентификувани во Источна Африка“, соопшти Африканскиот ЦДЦ во саботата.

Епидемијата на вирусот Марбург уби 10 лица во Танзанија во јануари оваа година.

Не постои одобрена вакцина или антивирусен третман за вирусот Марбург, но оралната или интравенозната рехидратација и третманот на специфични симптоми ги зголемуваат шансите за преживување на пациентите.

Можете да прочитате

СИЛНО НЕВРЕМЕ ВО ИТАЛИЈА: Обилните дождови и ветришта прават проблеми

Поларен вртлог носи „декември за паметење“

Почна борбата за имотот на „Лукоил“ во Европа – Бугарија и Романија ги преземаат рафинериите, а што планираат другите земји?