Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: ФЗО беше институција со сериозно разнишан кредибилитет, преку реформи и правилни политики ја претвораме во стабилна и модерна институција

5f958f93 4018 15b0 ce21 947ed5ebb0fb.jpg

Фондот за здравствено осигурување беше институција со сериозно разнишан кредибилитет, преку реформи и правилни политики ја претвораме во стабилна и модерна институција, изјави премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 25-годишниот јубилеј на ФЗО.

„Оваа институција во минатото имаше сериозно разнишан кредибилитет. Граѓаните гледаа директори со пари, непресметани расходи, нетранспарентни одлуки и систем кој повеќе личеше на поле за лични привилегии отколку на сервис на граѓаните. Тоа создаде недоверба, сомнеж и разочарување. Но денес тоа не е случај. Денес ФЗО функционира со јасни правила, силни механизми на контрола, со транспарентно управување и со ревидирани процедури. Денес ФЗО е институција која го врати својот интегритет на единствениот начин на кој тоа е можно – со работа, со ред, со дисциплина и со јасна одговорност. И морам да кажам дека Сашо Клековски заврши одлична работа“, рече Мицкоски.


Тој кажа дека кога дошле на власт, затекнале здравствен систем во целосна деградација: со дефицит на кадар, со нефункционални установи, недоволна опрема, долги листи на чекање и сериозно нарушена доверба кај пациентите.

„Наместо тоа да биде изговор, ние го претворивме во мотив. Во изминатата година и половина Владата на Република Македонија покажа што значи вистинска посветеност кон јавното здравство. Од првиот ден тргнавме со јасна цел: да го обновиме, модернизираме и хуманизираме здравствениот систем“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека власта ја води најсилната кадровска политика во последната деценија. „Во изминатиот период 1.500 договорци добија можност да преминат на сигурни работни места. Имаме 600 нови специјализанти, од кои 300 веќе се вработени. И потпишавме долгорочен договор за раст на платите во јавното здравство секоја година до 2028 година. Ова не е трошок – ова е инвестиција во срцето на здравството, во луѓето“, рече Мицкоски.

Дополнително, додаде тој, Владата обезбеди историски најголем буџет за ФЗО до сега – 53 милијарди денари. „Тоа овозможи 33% зголемување на капитацијата за општите лекари и гинеколозите, 23% зголемување за стоматолозите, 17% кумулативен раст на платите во јавното здравство од кои 9.5% е реален раст, и 107% зголемување на условениот надоместок за нови иновативни лекови. Ова не се бројки на хартија. Ова се бројки што ја менуваат реалноста на пациентите, на здравствените работници и на целиот систем“, рече премиерот.

Можете да прочитате

Македонци од Бахреин во среда заминуваат кон Ријад, од таму со владин лет за Скопје

Трајановски: Наместо повисоки плати за домашните работници, власта отвора врата за странски  „економски работници”

Хаос во Штип: Лажно се претставил како полицаец, украл службено возило и нападнал полицаец