
Шест лица се уапсени во голема меѓународна полициска операција насочена кон разбивање на група платеници ангажирани од криминална мрежа за киднапирање на водач на соперничка банда. Операцијата, спроведена вчера, ја предводеше Германија со поддршка од Европол и полициите на Данска, Франција, Летонија и Обединетото Кралство, соопшти Европол.
Цел на групата била ликвидација и киднапирање на шеф на албанска нарко-мрежа, за кого се верува дека стои зад кражбата на неколку тони канабис вредни милиони евра. Како одмазда, криминалната група ангажирала платеници – високо обучени летонски државјани, меѓу кои и поранешни припадници на Француската легија на странци – опремени со професионална опрема за извршување на задачата.
За време на координираната акција, четири лица биле уапсени во Данска, Франција, Летонија и Обединетото Кралство. Двајца други осомничени беа приведени уште во октомври 2014 година во Германија и во меѓувреме се веќе осудени.
Европол одигра клучна улога во истрагата преку размена на информации и обезбедување оперативна координација меѓу службите. На денот на акцијата, експерт од Европол бил присутен во Ница за поддршка на истражителите, вршејќи вкрстена проверка на податоците во реално време.
Истрагата открива вознемирувачки тренд: дел од осомничените се поранешни војници на Француската легија на странци, а Европол предупредува дека слични професионално обучени борци – вклучувајќи Украинци обучени од американските сили, легионери и руски платеници – се враќаат од бојните полиња во Украина и своето воено знаење го ставаат во служба на организираниот криминал.


