
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, денеска објави дека минималната плата во Северна Македонија ќе се зголеми за околу 2.000 денари во март 2026 година.
Како што истакна Дурмиши, ова зголемување е дел од владините мерки за подобрување на животниот стандард и поддршка на работниците со најниски примања. Тој додаде дека Владата работи на усогласување на минималната плата со инфлацијата и растечките трошоци за живот, со цел граѓаните да почувствуваат реално подобрување во семејните буџети.
„Нашата цел е работниците да живеат достоинствено од својата плата, а компаниите да имаат предуслови за стабилен развој. Затоа, следното усогласување ќе обезбеди минималната плата да биде повисока за околу 2.000 денари,“ изјави министерот.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, потсетуваат дека нивното барање останува минималната плата да достигне 500 евра месечно, предупредувајќи дека сегашните износи сè уште не се доволни за покривање на основните животни потреби.
Дурмиши, воедно, најави и измени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кои се очекува да се поттикне економскиот развој, отворањето нови работни места и раст на платите.
„Со новите измени градиме јасна и транспарентна рамка што го промовира економскиот напредок. Ќе им дадеме предност на инвестициите во преработувачката индустрија — моторот на реалната економија, кои носат технологија, иновации и поголема продуктивност,“ додаде тој.


