Утрински Весник
Економија

Нов инвестициски циклус во „Костал“ во 2026, ќе се инвестираат 30 милиони евра и ќе бидат отворени дополнителни 200 работни места

6619846b 98a4 a9d2 7847 43cff219a20a.jpg

Компанијата „Костал“ во 2026 година ќе го продолжи инвестицискиот циклус во фабриката во Охрид со нови 30 милиони евра и ќе бидат отворени нови 200 работни места.

На средба со извршниот директор „Костал Аутомотив“ Каи Кникман и Виктор Мизо, директор на „Костал“ Македонија, претпладнево беше премиерот Христијан Мицкоски, кој изрази задоволство, што „Костал“ верува во Охрид и во Македонија, и продолжува да го зголемува своето производно портфолио.


– Сепак, станува збор за компанија којашто генерално е семеен бизнис со голема традиција. Моментално ако ја анализираме нивната состојба во 2024 година, доаѓаме до обрт од околу 3,5 милијарди евра што е значајна работа. Нивните цели овде во Македонија се импресивни, да обезбедиме нови 200 работни места, да дојдеме до обрт којшто би бил поголем од 300 милиони евра и ние како Влада апсолутно сме тука да помогнеме во реализирањето на овие цели, бидејќи тоа за нас како држава значи многу – рече Мицкоски.

Каи Кникман, извршниот директор на „Костал Аутомотив“ истакна дека после девет години успешна работа, „Костал“ пристапува кон нова фаза на проширување.

– Во моментот, предвидуваме зголемување на приходите од 60 проценти споредено со минатата година, и тоа ни дава можност да продолжиме да инвестираме во нашата македонска фабрика. Во 2026 година ќе почнеме со нов циклус на инвестиции што во моментов е планиран да биде околу 30 милиони евра. Тоа значи дека новите инвестиции ќе донесат нови производи, натамошно зголемување од 20 проценти во текот на следната година и нови работни места – рече Кникман.

Во „Костал“ во Охрид има околу 1.200 вработени, а во 2026 година е планирано да бидат отворени дополнителни 200, што, како што посочи Кникман, претставува уште еден храбар чекор во нивната успешна приказна во Македонија.

– Ние како „Костал“ продолжуваме понатаму како инвестиции и развој во Охрид, иако европскиот пазар и автомобилската индустрија во моментов се во стагнација, сепак ние одлучивме со дополнителни инвестиции од над 30 милиони евра за следната година со нови клиенти да го прошириме портфолиото како на клиенти, така и на производи. Сметаме дека она што беше план во изминатите години, некаде до 2027 година ќе успееме и да имаме извоз и обрт поголем од 300 милиони евра – рече Виктор Мизо, директор на „Костал“ во Македонија.

Со тоа, потенцираше Мизо, ќе бидеме позиционирани како една од трите најголеми фабрики-извозници во македонската индустрија, но истовремено тоа значи квалитетни, нови работни места во овие 200 плус вработени.

– Тука ќе има нормално работници кои ќе работат во производство, но технички лица кои ќе работат како инженери, но и луѓе во административни дејности-сето она што е поврзано со финансии, со логистика, со квалитет. Така од таа страна навистина очекуваме овој развој да биде позитивна вест не само за регионот, Охридско-Струшкиот регион, туку и за целата државата, но истовремено ова да значи еден мотив како и други компании би можеле да се фокусираат и да ја користат Македонија во целиот свој процес на експанзија – истакна Мизо, по посетата на Мицкоси на „Костал“.

Можете да прочитате

Во октомври има раст на бројот на туристи во земјава

Мизо: Ако една или две компании планираат да ја напуштат Македонија, не значи дека другите нема да се развиваат или да дојдат нови

Македонско-швајцарски бизнис форум: Постојат можности за продлабочување на економските врски во производството, иновациите, услугите и технологијата